Линкови за пристапност

Русија го призна името Република Северна Македонија


Рускиот амбасадор Сергеј Баздникин на премиерот Зоран Заев му врачил копија од нотата на руското МНР, со која, Руската федерација го признава новото име на државата

Во соопштението на Министерството за надворешни работи на Руската федерација се вели дека „на 19 февруари 2019 година, руската амбасада во Скопје добила нота од МНР на Република Македонија, со која се известува за промената на официјалното име на оваа држава во Република Северна Македонија”.

Letter Russian Embassy Macedonia
Letter Russian Embassy Macedonia

По нотата на македонското МНР, врз основа на одлуката на рускиот претседател Владимир Путин, руското МНР подготвило нота во која се вели дека „Руската Федерација ја признава оваа држава под новото име Република Северна Македонија”, а која амбасадорот Сергеј Баздникин му ја предаде на премиерот Заев.

Во соопштението на македонската Влада се вели дека на средбата во кабинетот на Заев, двајцата соговорници ги потврдиле заложбите на двете земји за одржување на традиционално пријателските односи низ активен дијалог, како и дека се очекува интензивирањето на економската соработка да биде централна тема на наредната сесија во Скопје на Мешовитата владина комисија за трговско-економска соработка меѓу двете земји.

„Посебно внимание на средбата беше посветено на поттикнувањето можности за зголемување на економската соработка, за што, како особено значаен податок за потенцијалите, говори фактот дека извозот на свежо овошје и зеленчук во јануари оваа година е зголемен за 90%, во споредба со истиот месец во 2018 година“, се вели во Владиното соопштение.

Со тоа се надминува и проблемот што го потеницраа дел од македонските медиуми, кои, повикувајќи се на информација од Министерството за земјоделство, објавија дека поради неусогласениот став околу новото име - во извозната документација е наведено новото име што не е во согласност со документите издадени од руските власти и со сертификатите издадени на старото име, македонски камиони со земјоделски производи во Русија минатата недела, чекале неистоварени.

Како реакција на дел од коментарите дека Русија им свртал грб на проруските политички опции во Македонија, лидерот на проруската партија „Единствена Македонија“, Јанко Бачев, изјави за „Макфакс“ дека „Русија не ни заби нож во грб!“

„Русија ги почитува одлуките и политиките на самите држави, а политиката на оваа власт е сојузништво со НАТО и ЕУ“, истакна Бачев.

За руското признавање на новото уставно име - Северна Република Македонија, Бачев смета дека не е ништо невообичаено и дека главна причина за ваквиот чекор на официјална Москва е тоа што претседателот Ѓорге Иванов не го актуелизирал проблемот со името во Обединетите нации, како и „недоволната ангажираност на самите граѓани“ против промената на името.

„Иванов се плаши да го актуелизира прашањето во ОН. Русија не и го сврте грбот на Македонија! Русија си ја цени својата политика, своите интереси, ние како Македонци, не сме подготвени сами да ги браниме нашите интереси, не видовме позначајни протести кои ќе ја спречат промената на името. Никој не треба да биде позагрижен за националните интереси колку сопствените граѓани, разочарување е и Иванов кој беше молен од Русија да го актуелизира прашањето во ОН, но не го стори тоа“, изјави Бачев.

Според него, признавањето на новото име од Русија е „изненадувачки за обичниот народ, бидејќи се создадоа преголеми очекувања, поради лажната надеж. Таа пропаганда успеа да ја оцрни и нашата идеја. Ние не сме руска, туку македонска партија која се бори за македонските интереси. Сакавме да покажеме дека во светот има други модели и дека не се завршува сѐ во Брисел и Вашингтон. Има други организации кои не нѐ негираат. Како партија остануваме на нашите ставови, а тоа е стратешко партнерство со Русија“.

По усвојувањето на новото уставно име, Руската Федерација еден период не одговори на известувањето за промената на името, што од дел од аналитичарите во Македонија, беше критикувано како чекор што не е од корист никому, и проследено со став дека иако е голема светска сила, и Русија треба да ја испочитува одлуката на македонскиот парлемент и сувереното право на државата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG