Руските семејства го почнаа тажниот процес на идентификување на жртвите од саботната авионска несреќа на руски патнички авион во Египет.
Агенцијата Асошиејтед Прес јави дека досега се идентификувани 10 тела. Портпаролот на руското Министерство за вонредни ситуации објави дека вкупно 140 тела, и повеќе од 100 делови од тела биле пренесени во Санкт Петербург со два владини авиони.
Сите 224 патници и членови на екипажот на авионот Ербас А-321 на компанијата Метроџет го загубија животот на Синајскиот полуостров, околу 20 минути по полетувањето од египетското монденско одмаралиште Шарм ел-Шеик. Крајна дестинација на авионот бил Санкт Петербург. Меѓу жртвите има и тројца Украинци.
Руски официјални лица од Одделот за сообраќај велат дека црните кутии од авионот имале мали оштетувања и веќе биле предмет на првична инспекција.
Официјални лица од компанијата Метроџет наведоа „надворешни“ фактори за несреќата, откако исклучија техничка или човечка грешка. Метроџет не понуди докази за ваквите наводи и руското Министерство за воздушен сообраќај подоцна ги оцени коментарите на оваа компанија како „преуранети и без вистински факти“.
Каиро и Москва ги отфрлија наводите од огранокот на Исламската држава во Египет дека го соборила авионот. Воени и експерти по авијацијата изразија сомневање дека екстремистите имаат проектили способни да погодат мета на височина од 9.100 метри.