Линкови за пристапност

„Одговорни татковци“


Иницијатива за зголемување на свесноста кај родителите од „посилниот пол“ - за важноста на нивната улога во развојот на децата

Додека се погласно се истакнува родовиот дисбаланс во македонското општество – на штета на жените, група млади татковци, минатата недела покрена невообичаена иницијатива за зголемување на свесноста кај родителите од „посилниот пол“ - за важноста на нивната улога во развојот на децата.


Иницијаторите сакаат низ сопствените искуства и низ пласирање на стручни содржини, да влијаат врз јакнење на свеста кај татковците за потребата од нивно (по)активно инволвирање во сите сегменти на животот на децата. Тие отворија фан-страница на Фејсбук „Одговорен татко“, чија цел е како интернет платформа да ја јакне свеста за поимот „одговорно татковство", да се споделуваат едукативни содржини, но реални ситуации и проблеми со кои се соочуваат татковците, и да се понудат решенија, лреку размена на искуствата на самите татковци, но и со совети од стручни лица.

„Поради трките низ животот, соочени со секојдневните потешкотии на младите родители, во многу неврзани кафе –разговори, заклучивме дека денес реалноста е поинаква од порано. Секој од нас, младите татковци, придонесува многу повеќе во активностите на своето дете од претходно.

Учествува ‘рамо до рамо’ со сопругата во обврските што произлегуваат од одгледувањето среќно дете, а неретко, придонесува и во одржувањето на домот, со цел - зголемување на брачната хармонија... Меѓу нас има и такви кои решиле среќата на децата да ја практицираат во одвоен живот од поранешната сопруга, но во ниту еден момент не дозволуваат одвоениот живот да биде товар за детето. Напротив. Оттука и идејата за иницијативата ‘Одговорен татко’ - што повеќе татковци да дадат повеќе од себе, за да добијат повеќе од сите!“, вели во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, еден од иницијаторите, Боро Мирчески.

За целите на иницијативата Мирчески вели дека засега работат само во интернет просторот и дека првично се фокусирани на едукацијата на татковците, а дека во следната фаза планираат да отворат „онлајн медиум со слична цел, како и, ако обезбедиме финансиска поддршка, да креираме Android, iOS апликација која ќе биде користена за полесно менаџирање на секојдневните активности на родителите, како баланс помеѓу приватното и деловното. Во следната фаза планираме да отпочнеме офлајн активности, преку креирање на настани за зголемување на општествената одговорност, различни работилници каде главни актери ќе бидат татковците и децата, обуки, семинари, настани на отворено и слично...“

Во првата јавна објава, тимот на иницијатори ги повика татковците: „Ајде да направиме социјална револуција и да покажеме на сите колку сме и ние посветени во растот и развојот на нашите деца“.

На прашањето - како ќе ја изведат „социјалната револуција“ за промена на традиционалната слика во македонското општество за улогата на таткото како родител кој финансиски го обезбедува семејството, но и сè поретко има време за своите деца, Мирчевски ни одговори:

„Многу е важна поддршката меѓу партнерите во градење на заедничка кариера и успешен приватен живот. За секој да има време за своите најблиски, обврските мора да бидат поделени. Со соодветно менаџирање на времето потребно за нивно завршување, целото семејство ќе има повеќе време за да го поминува заедно, со поширокото семејство, со пријателите... Вистинските вредности се во меѓучовечките односи, а не во ИТ-изолација, нешто што многумина го практикуваат денес како метод за релаксација од секојдневните обврски. Ќе работиме на многу полиња со цел да ја намалиме дискриминацијата. Доколку се развиеме до планираниот степен, планираме да поднесеме и законски амандмани, со цел зголемувања на правата на таткото кога се во прашање бројни социјални прашања кои денес се регулирани со законски решенија во фаворизација само на мајката“.

„Одговорните татковци“ најавуваат дека особено внимание ќе посветуваат „на глобализациските трендови и родовата еднаквост, која во ова комплицирано општество и борба за егзистенција изискува потреба од еднаква поделба на обврските дома, надвор од дома, на работа...“, како и дека „иницијативата има за крајна цел да докаже дека во Македонија – ‘татко’ станува една одговорна улога која по добивањето на детето, му дава поинаква смисла на животот на сите чинители на едно среќно и задоволно семејство“.

Нашиот соговорник, кој е татко на малиот Петар, вели дека „одговорни татковци“ се лица од различна возраст, кои сите имаат дечиња на различна возраст, од новороденчиња до основци. „Дел од нас работат во државен сектор, дел се претприемачи со сопствени бизнис, дел продажни менаџери, маркетинг менаџери... Отворени сме за сите татковци кои сакаат активно да придонесат во нашата иницијатива и ги покануваме да ни се придружат“, ни изјави Мирчески.

Иницијаторите на својата фан-страница наведуваат резултати од истражување на американски институт за психологија, според кое, таткото не треба да помага во одгледувањето на децата, туку да биде целосно инволвиран во процесот преку учество во сите активности што се составен дел од растот и развојот на детето. Според истражувањето спроведено врз 5.000 американски испитаници на возраст од 20 до 35 години, „68% од испитаниците потврдиле дека редовно менуваат пелени на нивното новороденче, 59% секојдневно партиципираат во капење на детето, а дури 82% одговориле дека учествуваат во домашните обврски за нивната сопруга да може да одмори и да собере сила за непреспиената ноќ што следува“. И веднаш го поставуваат прашањето до татковците во Македонија - колку тие учествуваат во таквите активности? И, какви според нив, би биле процентите во слично истражување во Македонија.

„Одговорните татковци“ од Македонија посочија и на некои од задачите и обврските на татковците, кои според специјализираниот магазин за мажи „Askmen”, еден одговорен татко треба ги прави за своите деца: Да ги учи да ги ценат работите. да им пристапува со отворен ум, да го прифаќа фактот дека децата не се исти како него, да поминува квалитетно време со нив, да ги воспитува преку лични примери, да ги поддржува и да ја покажува својата лојалност кон нив, да ги предизвикува своите деца и да ги едуцира, да ги заштитува, без разлика на сè, да им дава безусловна љубов...

Во една традиционално „мачо“-средина како Македонија, иницијативата која повикува на поголема посветеност на татковците во растот и развојот на децата, за само 24 часа, на фан-страницата доби 500 „лајк“-оценки, а во првите четири дена – 800.

„Презадоволни сме од почетокот. Но, потребна е напорна работа за континуитет во добивањето на довербата на македонската онлајн публика“, вели соговорникот на Гласот на Америка на македонски јазик, младиот татко Боро Мирчески.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG