Линкови за пристапност

Меланија Трамп го опиша сопругот како „извонреден лидер“


Нејзиниот говор во делови се совпадна со говор на Мишел Обама од 2008-ма

Републиканската конвенција денеска фокусот го насочува кон економијата, еден ден откако Меланија Трамп во говор го нарече сопругот Доналд Трамп „извонреден лидер“ и оти само тој може да донесе промени во САД.

Денешни говорници во Кливленд ќе бидат некои од најпроминентните имиња од партијата, вклучувајќи го претседателот на Претставничкиот дом Пол Рајан и поранешните претседателски кандидати Крис Кристи и Бен Карсон.

Меланија, која е имигрант од Словенија, за време на претседателската кампања не е многу експонирана во јавноста, но во говорот искористи дел да ја раскаже личната приказна.

Но, нејзиниот говор поттикна прашања меѓу новинарите за оригиналноста, кои открија дека делови од него се совпаѓаат со говорот на Мишел Обама за време на демократската национална конвенција во 2008-ма.

Кампањата на Трамп веднаш издаде соопштение во кое застана целосно зад говорот на Меланија. „Тимот на Меланија кои го пишуваше говорот ставија делови од нејзината лична инспирација и во некои делови беа вклучени фрагменти од нејзиното размислување. Искуството на Меланија како имигрант и љубовта спрема Америка блескаше во говорот, кое го направи толку успешен“, се наведува во соопштението од тимот на Трамп.

Од другите говорниците во понеделникот навечер, поранешниот градоначалник на Њујорк Руди Џулијани изјави дека мнозинството Американци не се чувствуваат безбедно и ги предупреди терористите дека САД ќе тргнат по нив.

Поделеноста за Трамп и натаму е видлива по улиците на Кливленд, каде неколку стотина приврзаници и противници на оддалеченост од еден километар демонстрираат за време на четиридневната конвенција.

Во градот има зголемено полициско присуство, особено по минатоделниот напад со камион во Ница, Франција, неодамнешното убиство на пет полицајци во Далас, и на уште тројца во Батом Руж, Лузијана, со што ги зголеми стравувањата за изблик на насилство во Кливленд.

XS
SM
MD
LG