Според последните, минатонеделни податоци, кои на барање на Гласот на Америка на македонски јазик, денеска ги испрати Центарот за управување со кризи, во прифатниот центар „Винојуг“ крај Гевгелија, престојува само 21 мигрант од Иран, Ирак, Бангладеш, Авганистан, Индија..., во транзитниот центар „Табановце„ – 14 мигранти, а во Центарот за баратели на азил во Визбегово крај Скопје – само 36 лица. Но, податоците на Министерството за внатрешни работи посочуваат дека маката на лицата од „патеката на очајниците“ сè почесто ја користат криминалци и криумчари на луѓе, а дека по македонските патишта и пруги, повторно се движат кон север, бегалци и мигранти.
Само викендов на регионалниот пат Валандово - Струмица, струмичката полиција пронашла седум лица, шестмина од Сирија и еден од Ирак и биле приведени двајца скопјани поради сомневање дека сториле кривично дело „криумчарење мигранти“, а на автопатот Куманово – Табановце, биле откриени шестмина мигранти, тројца од Пакистан, двајца од Авганистан и еден од Иран.
Продолжува и малтретирањето на бегалците и мигрантите, а не се ретки и несреќите на патиштата и пругите. Во саботата, во полициската станица во Велес, четворица Пакистанци пријавиле дека покрај железничката пруга Велес – Скопје, неколку лица со закана им одзеле пари и мобилни телефони. Претходно, по сообраќајна несреќа на автопатот Гевгелија – Скопје, во која биле повредени две лица, полицијата пронашла 14 мигранти од Авганистан, Пакистан и Ирак, кои изјавиле дека се превезувале со еден од автомобилите, а дека по незгодата, возачот и совозачот го напуштиле местото на настанот.
И според полициските податоци за илегално преминување на македонската граница, во првите девет месеци годинава, спречени се 5.000 обиди повеќе во однос на 2018. Минатата година имало 13.143 обиди за илегални преминувања, а заклучно со септември годинава - 18.448 обиди, најчесто од државјани од Авганистан, Пакистан, Бангладеш и Индија. МВР посочува и дека во истиот период, за 30 отсто се зголемени случаите на организирано криумчарење лица, дека се поднесени кривични пријави против 64 лица, а 38-мина одговарале за криумчарење мигранти.
Така, на 3 ноември, надлежниот јавен обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица, еден македонски и тројца пакистански државјани, осомничени дека се соизвршители на кривично дело „криумчарење мигранти“. Осомничените, кон крајот на октомври и почетокот на ноември, по претходен договор, прифаќале мигранти и ги сместувале во куќата на осомничениот македонски државјанин.
„Кога мигрантите ќе посакале да си заминат, осомничените Пакистанци со намера да извлечат дополнително пари од мигрантите, постапувале понижувачки и сурово кон нив. Тие ги принудувале жртвите телефонски да стапат во контакт со свои роднини кои веќе биле заминати во западноевропските земји и да бараат роднините да префрлат пари на сметки што осомничените им ги посочувале. Ако за определено време не биле испратени парите, жртвите биле тепани и малтретирани со палки и шипки“, се вели во официјалното соопштение.
Откако двајца малтретирани Индијци, побарале од пријател од Белград да уплати по 1.300 евра за нив, за да им биде овозможено да ја продолжат рутата, по информација на српската полиција, македонските полицајци спровеле акција во селото. Ваксинце, каде, во куќата на првоосомничениот, во нечовечки услови, со денови биле затворени 12 мигранти, од кои две малолетни лица, а десетина лица – мигранти избегале непосредно пред полициската акција.
Некако во сенка на големата трагедија во Велика Британија кога во камион беа пронајдени 39 замрзнати тела на виетнамски мигранти, од кои 8 жени, меѓу кои и девојка чие семејство, според медиумите, им платило на криумчарите 30.000 фунти, на несреќата кај шпанските Канарски острови, по која од морето беа извлечени тела на петмина мигранти, а за уште шестмина продолжи потрагата и случајот во Хрватска, кога во сандак затворен со штрафови, во товарно возило со полски регистарски таблички беа пронајдени тројца мажи, две жени и четворица малолетници од Иран, а возачот од Украина беше притворен..., помина големиот случај во Република Северна Македонија. Токму во истиот период, при претрес на објект на 50-годишен маж од селото Ваксинце, Општина Липково, беше пронајден дури 81 мигрант од Блискиот Исток, од кои 19 малолетници!
Од друга страна, без поопфатна анализа во медиумите останаа и вестите за зголемениот прилив на лица кои последниве месец и половина, се обидуваат илегално да ја поминат грчко-македонската граница, а кои потекнуваат од Куба!
Според податоците на МВР, викендов, во близина на граничниот премин „Меџитлија“, полициски службеници привеле шест лица од Куба, при што биле уапсени и двајца скопјани, возачот на возилото со кое биле транспортирани Кубанците и неговиот сопатник. Претходно, уште петмина Кубанци биле приведени крај битолското село Кременица, поради илегален премин на државната граница. И минатата недела, во близина на граничната линија биле приведени двајца Кубанци од полициски службеници од СВР Битола, а на 31 октомври над битолското село Драгош, полициски службеници спречиле еден кубански државјанин. На 15 октомври во атарот на истото село, биле лишени од слобода уште двајца Кубанци, два дена претходно - уште четворица, а на 10 октомври уште двајца кубански државјани....
И додека податоците за бранот Кубанци од Грција, наликуваат на информациите за десетемина сириски мигранти кои грчката полиција ги уапсила, иако биле маскирани во дресови на украинската одбојкарска репрезентација, но со пасоши кои биле објавени како украдени или загубени, или за двајцата Индијци и Авганистанецот, кого српските цариници ги пронашле на српско-унгарската граница, сокриени во камион што превезувал безбедносни кафези за багери и вилушкари, според актуелните медиумските најави, ситуацијата со бегалците, набргу може да стане многу посериозна и уште поексплозивна.
Зашто, додека комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, по петдневната посета во прифатните центри на Лезбос, Самос и Коринт, потенцираше дека ситуацијата со мигрантите, вклучително и барателите на азил, на грчките острови во Егејското Море е драстично влошена во последните 12 месеци, и дека се потребни се итни мерки за решавање на очајните услови во кои живеат илјадници луѓе, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, деновиве, поради најновите санкции кои ЕУ ги најави против Турција, повторно ја предупреди Унијата дека неговата држава би можела да ги ослободи припадниците на „Исламската држава“ и да ги испраќа назад во нивните матични држави...
Facebook Forum