„Татковинскиот спротивставувачки референдум е директен одговор на договорот потпишан од шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција на 17 јуни 2018 година во селото Нивици, Грција кога е направена е непроценлива штета на сметка на македонскиот народ и со кој се брише она за што низ векови македонскиот народ се борел: неговата татковина, јазик, идентитет, култура и историја“, се вели во повикот на организацијата „Млади за Македонија“.
Организацијата која се претставува како младинска, најавува своја иницијатива за собирање на потписи за таканаречениот Татковински референдум - за заштита на уставното име и против договорот со Грција. „Млади за Македонија“ повикуваат на бојкот на, според нив, „нелегитимниот референдум најавен од Владата за есенва, за да се осигура немање на цензус за истиот“.
„Млади за Македонија“ најавуваат и одбрана на „трите мaкедoнски црвени линии: иметo, јазикот и идентитетoт“, и обезбедување „на опстанок на Македонија“. Од организацијата се надеваат дека ќе соберат 150.000 потписи на граѓаните на Maкедонија, за распишување на „референдум за заштита на Република Македонија“.
Под мотото: „Никогаш Северна, секогаш Македонија!“, организацијата ќе се залага за „бoјкoт нa нелегитимниoт, мaнипулaтивен референдум зa ’Севернa’", за „од правен аспект и трајно да се заштити уставното име Република Македонија, македонскиот идентитет и македонскиот јазик“.
Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес (СМК), организација која поднесе иницијатива до Уставниот суд на Македонија за поништување на Одлуката за распишување на референдум на Собранието на Македонија, изјави во медиумите дека како „форма на отпор“, е покрената и постапка за формирање на координативно тело на десничарски организации и на помали партии кои се против зачленување во НАТО и ЕУ, ако условот е промена на името.
Петров најави дека организациите и партиите, „кој колку може, ќе обезбедат финансии за анти-кампања. Ќе организираме каравани и максимално ќе ги користиме можностите на социјалните мрежи за да делуваме“.
Според Петров, „ќе биде ’спрегната’ администрацијата на НАТО и ЕУ и ќе доаѓаат високи претставници да влијаат и да вршат притисок. Очекувам и од власта да потроши многу пари на скапа кампања, иако таа би можела да се покаже и како контрапродуктивна за неа. Тука се и можните заплашувања кон јавноста и поединци, јавни и зад сцената“.
Движењето „Бојкотирам“ пак, кое делува на социјалните мрежи со барање референдумот на 30 септември да се опструира, неофицијално е создадено од твитер-заедницата, за да се префрли и на Фејсбук. Според движењето, чии претставници се декларираат како неподложни на партиски влијанија, договорот со Грција е штетен за македонските национални и државни интереси, а неуставен е процесот на негово потпишување и обидите за остварување во пракса. Дел од коментаторите излегоа со став дека иако не можат да бидат пресудни, ставовите на претставниците на ова здружение можат да имаат влијание врз одлуката на граѓаните.
Сепак, и покрај сите вакви иницијативи, поважен е ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чие раководство ќе донесе конечна одлука следната недела. Во меѓувреме, се изјасни една од сателитските партии, додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, Демократската партија на Србите во Македонија, чиј претседател Иван Стоиљковиќ, во изјава за националната ТВ куќа на Србија, најавил бојкот на референдумот. „Ние немаме намера да бидеме кумови во овој политички процес. Претставниците на српската заедница во Македонија со големо мнозинство од 73% ќе го бојкотираат референдумот“, потенцирал Стоиљковиќ, без наведување на податоци врз кои го темели својот став за односот на Србите во Македонија кон референдумот.
Засега е извесно дека референдумот ќе се одржи на 30 септември, како и дека граѓаните ќе можат да извршат проверка на податоците во Избирачкиот список од 9 до 23 август 2018. Државната изборна комисија (ДИК), која ќе го спроведува референдумот, на првата конститутивна седница во новиот состав, го усвои Правилникот за негова подготовка, организирање и спроведување, според кој, на референдумот право на изјаснување имаат и граѓаните кои ги има во Избирачкиот список, а не живеат во Република Македонија, односно дека и иселениците можат да гласаат. Останува нејасно дали дијаспората ќе може да се изјаснува и во дипломатско конзуларните претставништва или оние кои сакаат да гласаат, ќе мора да допатуваат во Македонија на 30 септември.
Политичките партии не се вклучени во процесот на организирање референдум, а изјаснувањето на граѓаните ќе биде набљудуван од заинтересирани невладини организации.
Facebook Forum