Линкови за пристапност

Драги Рашковски ги отфрли наводите за корупција и останува на функцијата


Опозицијата обвини дека конечниот договор за софтверот е потпишан по снимениот состанок во канцеларијата на Рашковски

Нема оставка од Генералниот секретар на владата за проблематичната набавка на нов софтвер за М-НАВ како што побара опозицијата. Драги Рашковски денеска на прес-конференција неколку пати јасно избегна да даде одговор дали ќе се повлече откако на руска мрежа беше објавен дел од разговор снимен во неговиот кабинет за тендер за потребите на македонска навигација. Дури по силното инсистирање на новинарите за јасен одговор и нивното препукување со Рашковски, одговор дојде.

„Не се повлекувам “, рече Рашковски.

Тврди дека е чист во целата постапка која, според документите што ги приложи, почнала во времето на ВМРО-ДПМНЕ и согласноста за избор на италијанска компанија ја дало претходното раководство на М-НАВ, предводено од таткото на екс-министерот за надворешни работи Никола Попоски. Рашковски вели дека разговорот што го снимал сега веќе разрешен технички директор на М-НАВ е изваден од контекст и дека тоа за политички цели го користи опозицијата која обвини дека конечниот договор за софтверот е потпишан по снимениот состанок во канцеларијата на Рашковски.

„Неколку факти треба да претходат како би се видела вистината која ја извитопери објавувачот на снимката презентирана од партијата ВМРО-ДПМНЕ што само кажува за нив, на меѓусебна спрега“, коментира генералниот секретар.

„Рашковски не одговори на следново: Кога ќе си дадете оставка? Како е можно да биде доделен тендер на компанија со истечена тендерска документација? Го повлековте ли Рашковски заклучокот на владата за кој претседателот на М-НАВ ви укажува дека е спорен? “, изјави Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ.

Рашковски најави кривична пријава против поранешниот функционер на М-НАВ, како и тужби за навреда и клевета против новинари и претставници на опозицијата. Од друга страна, даде извинување за навредите изнесени во снимениот разговор.

„До небо, извинување кон Италија, која е наш огромен пријател, потоа извинување до ромската заедница, ако се нашла повредена, имам мал милион број пријатели од ромската заедница. Уште еднаш извинување до сите оние кои се најдени повредени во оваа објавена верзија од разговорот“, изјави Рашковски.

Опозицијата достави материјал од Јавното обвинителство и побара постапка за целиот случај.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG