Вниманието на американската јавност денеска е фокусирано на делумните конгресни избори, од кои ќе зависи политиката на САД во следните две години. Овие избори се последна битка за контрола во Конгресот, пред претседателските избори во 2020 година.
Бројни кампањи, митинзи, рекламни спотови можеа да се видат како од таборот на републиканците, така и од страна на демократите. Политичари ја користеа секоја можна прилика за во јавноста да го кажат своето мислење.
Во продолжение издвојуваме дел од изјавите и ставовите на истакнати политички фигури во САД, дадени по повод делумните избори.
Поранешниот заменик-претседател Џо Бајден, за кого се верува дека ќе му биде противкандидат на Доналд Трамп во следната претседателска трка, вели дека би бил „шокиран“ ако демократите не ја преземат контролата врз Претставничкиот дом.
„Ова е најзначајната година со делумни избори во мојот живот до сега“, истакна Бајден во еден од говорите во рамките на изборната политичка кампања.
Тој додаде дека: „Ова се избори што ќе го одредат карактерот на земјата“.
Ерик Трамп, пак, еден од синовите на претседателот, рече дека името на неговиот татко „не е на гласачкото ливче, но Америка победува. Ќе однесеме целосна победа“.
Трамп, синот, вели дека неговиот татко „ја направи Америка најсилна земја во светот“.
„Ако таа армија од гласачи за Трамп излезе денеска и гласа, ние ќе победиме. Оваа земја победува, што значи дека ние победуваме... Тоа што го прави нашата земја е одлично“.
Потпретседателот Мајк Пенс, во колумна во „Ју-ес-еј Тудеј“, напиша: „Додека републиканците прикажуваат резултати, демократите се одлучија на агенда од еден збор, ‘контрирај’“.
Тој додаде дека „политиките на демократите станаа многу полиберални и многу поопасни од кога било претходно“.
„Тие сакаат масовен раст на даноците, ослабени граници и целосна владина контрола врз здравствената грижа што ќе нанесе штета врз нашите семејства и врз повозрасните лица“.
Поранешната државна секретарка, Хилари Клинтон, којашто изгуби во претседателската трка во 2016 година, својот став го објави на „Твитер“.
„Во изминативе две години гледавме како оваа администрација ги напаѓа и ги обезвреднува нашите демократски институции и вредности. Денес, велиме, доста е“.
Клинтон во статусот додава: „Денеска не гласаме само против радикализмот, нетолеранцијата и корупцијата. Гласаме и за фантастични кандидати од целата земја, меѓу кои се и историски голем број жени, кои сакаат да ги зголемат платите, да се борат за правда и да им помогнат на што повеќе луѓе да дојдат до здравствена заштита“.
Во отворените страни на „Њујорк Тајмс“, поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, којшто беше отпуштен од страна на Трамп, упати остри коментари за „лагите, за навредливиот однос кон жените, за расизмот и за повредите на правото од страна на нашиот претседател“.
Коми ги повика Американците да гласаат според сопствените убедувања и вредности. Тој воедно додава дека е оптимист оти САД ќе се опорават од „сегашното раководство и од потчинетоста со која се соочуваат“.
Спикерот на Претставничкиот дом, Пол Рајан изрази „внимателен оптимизам“ дека републиканците ќе го задржат мнозинството, асоцирајќи на силната американска економија и на републиканскиот белег на Конгресот.
Сепак, во интервју за „Фокс њуз“ тој истакна дека е можно републиканците да изгубат мнозинство. „Историјата не е на наша страна“, мислејќи на традицијата со која делумните избори се покажале негативни за партијата од која доаѓа претседателот во времето кога тие се одржуваат.