Линкови за пристапност

„Мало подобрување“ и „светла точка“ – атрибути за состојбата со медиумите во Македонија


Годишни извештаи на „Репортери без граници“ и „Фридом хаус“

Македонија е рангирана на 109-то место на ранг-листата на невладината организација „Репортери без граници“. Годинава, е регистрирано подобрување од само две места во споредба со лани. Полошо рангирана земја од регионот е само Бугарија, на 111 место.

Во сегментот за Македонија со наслов „Мало подобрување“, меѓу другото се вели: „За време на десетте години додека беше премиер, Никола Груевски, создаде ниво на контрола врз медиумите какво што немаше на Балканот и многу водечки опозициски медиуми беа затворени. Пред сѐ, националниот радио и телевизиски радиодифузен сервис (МРТВ) сѐ уште му служи на ВМРО. Падот на „режимот“ на Груевски доведе до мало подобрување во делот на владината контрола на медиумите, но сѐ уште е рано за да се биде сигурен во намерите на владата за трајно подобрување на ситуацијата“.

Понатаму во извештајот на „Репортери без граници“ наведува дека „нема значајна промена во делот на економската ситуација на македонските новинари, кои вообичаено се слабо платени и имаат мала сигурност на работното место.“

Што се однесува до останатите земји од Западниот Балкан, најдобро рангирана е Босна и Херцеговина, која е на 62. место. Хрватска е на 69. Место. Следуваат, Грција на 74-то Албанија на 75-то. Србија на 76-то, Косово на 78-мо, а Црна Гора на 103. место.

Од друга страна, Македонија е единствената држава на Балканот која напредувала лани, оценува “Фридом хаус“. Понатаму се додава дека „демократијата се подобруваше на Балканот од 2005 до 2010-та, но сега назадува, со единствен исклучок на Македонија, по промена на власта“, се наведува во анализата на годишниот извештај.

„Фридом хаус“ ја оценува Македонија за една од „светлите точки“ во светот во однос на демократскиот развој. Земјата, за првпат, бележи напредок од 2010 година.

„Светлите точки годинава се Македонија, Узбекистан и Естонија. Промената на владата во Македонија во јуни отвори шанса да се смени долгогодишната заробеност во државата и да се решат споровите со соседите“, се наведува во извешајот.

Сепак, земјата и натаму останува со лоши оценки во речиси сите сегменти, а најпроблематични се слободата на медиумите, националното демократско владеење, правната рамка и независноста на судството, корупцијата.

Во регионот, Србија бележи назадување веќе четврта година по ред, и опасно се приближува до статусот на „консолидиран автократски режим“. Најголемо назадување во управувањето на демократијата, има, во Полска и Унгарија.

Претседателот Трамп се најде под жестока критика во извештаите на двете организации. „Репортери без граници“ го окарактеризира како „ентузијаст за камшикување медиуми“, додека „Фридом хаус“ предупреди дека оценката во медиумите за Трамп како „непријател на американскиот народ“ ја поткопува јавната доверба во новинарство базирано на факти.

Белата куќа засега не реагираше на критиките.

Во годишните извештаи за состојбата на слободата на печатот во светот, меѓународните организации „Репортери без граници„ и „Фридом хаус“, упатија остри критики кон западните популистички лидери за дискредитирање на медиуми, прекорување на новинари и закани за воведување цензура.

Годишниот индекс на „Репортери без граници“ ја анализира слободата на печатот во 180 земји. Норвешка го презеде првото место од Финска. Северна Кореја и натаму е последна.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG