Линкови за пристапност

Фокусот на тероризмот и националната безбедност


Последна дебата за годинава на републиканските претседателски кандидати

Девет водечки републикански претседателски кандидати во Лас Вегас, сојузната држава Невада, се соочија на петтата партиска претседателска дебата. Главни теми на дебатата во ударниот вечерен термин уследи во време на зголемена загриженост од тероризмот и по националната безбедност. Анкетите покажуваат тесна трка меѓу бизнисменот-милијардер Доналд Трамп и сенаторот од Тексас Тед Круз.

Последната дебата на републиканските претседателски кандидати оваа година во Невада се одржа на помалку од два месеци пред прелиминарното гласање во Ајова, прво изјаснување на регистраните гласачите, со што почнува сезоната на примарни избори.

Дебатата започна со дискусија за контроверзните изјави на Трамп кој вети привремена забрана за Муслимани да влезат во САД. Милијардерот го бранеше предлогот, истакнувајќи дека „не говориме за религија туку за безбедноста“. Трамп рече дека неговиот предлог отвара „голема дискусија за радикалниот исламски тероризам“ и подвлече дека ја има поддршката од многу Американци.

Поранешниот гувернер од Флорида Џеб Буш, кој досега имаше неколку јавни изрази на жестоко несогласување со Трамп, рече дека неговиот предлог е нереален и дека негативно ќе се одрази врз војната на САД против организацијата Исламска држава.

„Доналд Трамп е добар оратор, но хаотичен кандидат, и ќе биде хаотичен претседател. Тој нема да биде врховен командант кој ќе обезбеди безбедност за нашата нација“, рече Буш.

Трамп возврати и рече дека Буш го напаѓа затоа што неговата кампања, е како што рече „тотална катастрофа“.

Трамп продолжува да води на истражувањата на јавното мислење на национално ниво, но Круз е во водство во Ајова, каде започнува партискиот процес, кога се одржува прелиминарното гласање на 1-ви февруари.

Последните анкети покажуваат загриженост од тероризмот по последниот напад во Сан Бернардино, Калифорнија.

Трамп е на врвот по доверба меѓу републиканските гласачи според последната анкета на Вол Стрит Журнал и Ен-Би-Си Њуз. Трамп води со 27%, а веднаш зад него е Круз со 22%. Марко Рубио е трет со 15, додека Бен Карсон е на четврто место со 11 проценти.

На главната сцена на дебатата спонзорирана од Си-Ен-Ен, место обезбедија Доналд Трамп, Тед Круз, Бен Карсон, Марко Рубио, Џон Кесич, поранешната бизнисменка Карли Фиорина и сенаторот од Кентаки Ранд Пол.

Претходно, порано од вечерниот ударен термин, на истото место дебатираа четворица претседателски кандидати, кои што не обезбедија место на главната сцена поради недоволно обезбеден процент на неопходни гласови на национално ниво - поранешниот сенатор од Пенсилванија Рик Санторум, поранешниот гувернер Мајк Хакаби, сенаторот од Јужна Каролина Линзи Грам и поранешниот гувернер на Њујорк Џорџ Патаки. Поранешниот гувернер на Вирџинија Џим Гилмор не обезбеди доволно поддршка во анкетите за обезбеди место во една од дебатите.

XS
SM
MD
LG