Линкови за пристапност

 
Обраќање на Пендаровски во ОН: Актуелниот ќор-сокак во евроинтеграциите ги фрустрира граѓаните

Обраќање на Пендаровски во ОН: Актуелниот ќор-сокак во евроинтеграциите ги фрустрира граѓаните


Претседателот на Северна Македонија го поздрави поздрави мултилатерализмот на ОН, како негово универзално олицетворение, ја истакна моралната обврска, како и солидарната одговорност на Северна Македонија, да прими значителен број бегалци од Авганистан

Во обраќањето на 76-то Генерално собрание на ОН, македонскиот претседател Стево Пендаровски се осврна на условите на одржување на ваков глобален настан во време на пандемија.

Тој рече дека изминатите скоро две години речиси и да нема држава која не беше сериозно погодена од Ковид-19.

„Сооченo со предизвик без преседан, човештвото се обедини и го мобилизираше целиот свој капацитет за да ги ублажи последиците од пандемијата и да се подготви за постковид епохата“, изјави Пендаровски.

Пендаровски се осврна на примери на солидарност и човечност низ светот. „Треба да поддржиме нови идеи и иницијативи, како што е иницијативата на Г7 ‒ Градиме подобар свет, инфраструктурно партнерство, насочено кон помагање на светот во развој, најсилно погоден од ковид-19“, рече првиот човек на Северна Македонија.

Според Пендаровски, пандемијата е лекција за човештвото, која мораме да ја научиме. „Не само Ковид-19, со сите глобални проблеми, без разлика дали се работи за безбедност, пандемии или климатски промени можеме да се избориме само со поголема емпатија, соработка и солидарност.“, изјави Пендаровски.

Во обраќањето од говорницата на ОН на Ист ривер, тој се осврна на конфликтите во светот, што го загрозуваат мирот и начинот на живот.

„Особено сме загрижени од последниот развој на настаните во Авганистан. Ја споделуваме загриженоста на многу лидери, вклучувајќи го и генералниот секретар на Обединетите нации, кој предупреди дека светот се соочува со уште една хуманитарна катастрофа и повика на помош, здружени напори и солидарност“, изјави претседателот Пендаровски.

Се осврна на морална обврска, како и солидарната одговорност на Северна Македонија, кога веднаш искажа подготвеност да прими значителен број бегалци од Авганистан, особено од најранливите категории и луѓето кои долги години работеа за агенциите на Обединетите нации:

Веднаш откако првиот авион со авганистански бегалци слета на скопскиот аеродром, се роди бебе во локалната болница, симболичен извор на надеж и доказ дека животот, сепак, победува.
Пендаровски, претседател на Северна Македонија


„За стотици од нив веќе е обезбедено сигурно засолниште и услови за достоинствен живот. Веднаш откако првиот авион со авганистански бегалци слета на скопскиот аеродром, се роди бебе во локалната болница, симболичен извор на надеж и доказ дека животот, сепак, победува, рече Пендаровски и изрази подготвеност за поголем придонес кон напорите на меѓународната заедница со цел да овозможи подобар живот за овие лица погодени од воениот хаос и деструкција.

Последните случувања во Авганистан само ги нагласија постојано присутните закани од тероризмот и од насилниот екстремизам, истакна Пендаровски и додаде дека „мора да продолжиме да работиме заедно и низ еден мултидимензионален пристап да ги решаваме основните причини за тероризмот, преку зајакнување на напорите и на национално и на регионално ниво“.

Го поздрави мултилатерализмот на ОН, како негово универзално олицетворение, кое треба да биде движечка сила за зајакнување на инструментите и методите за обезбедување безбедност, демократија, слобода, човекови права, одржлив развој и просперитет за сите.

Осврнувајќи се на последиците од климатските промени во секојдневниот живот, Пендаровски од говорницата во ОН рече дека Северна Македонија останува посветена на Парискиот договор, додека во исто време го зголемува националниот придонес инкорпориран во националните закони, политики и регулаторни мерки.

„Со голема надеж го очекуваме претстојниот Самит за климатски промени ‒ COP 26 во Глазгов, сметајќи го за една од клучните фази, да го обновиме единствениот дом што го имаме ‒ нашата планета Земја“, рече Пендаровски.

Западниот Балкан е соочен со сериозни предизвици во поглед на неговите аспирации за европска интеграција. Актуелниот ќор-сокак во тој процес ги фрустрира граѓаните и постојано го намалува нивниот ентузијазам за позитивни промени
Пендаровски, претседател на Северна Македонија


Во делот за регионалните предизвици, македонскиот претседател Стево Пендаровски, потсети дека „Западниот Балкан е соочен со сериозни предизвици во поглед на неговите аспирации за европска интеграција. Актуелниот ќор-сокак во тој процес ги фрустрира граѓаните и постојано го намалува нивниот ентузијазам за позитивни промени, предупреди шефот на македонската држава.

Според него, „ако сакаме стабилен и просперитетен Западен Балкан како важна алка во континенталната и трансконтинентална стабилност и безбедност, мора да разбереме дека итно е потребен пробив на планот на неговата европска интеграција“.

Како мала земја во Југоисточна Европа, Северна Македонија ја докажа својата способност, заедно со Грција, а со посредство на Обединетите нации, да решава и сложени прашања, како што е таканаречениот „спор за името“, што придонесе за дополнителна стабилност во регионот, потсети Пендаровски.

„Подготвени сме да се вклучиме во конструктивен дијалог со нашиот друг сосед, Бугарија, за да обезбедиме целосна имплементација на Договорот за добрососедство и соработка“, изјави претседателот Пендаровски, од говорницата на ОН во Њујорк.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG