Линкови за пристапност

Прес-конференција Попоски - Дачиќ


Целосно усогласување со надворешната политика на ЕУ по добивање на членство; заеднички против тероризмот; заеднички амбасади

„Секако дека земјите кои се кандидати имаат обврска да ја усогласат својата надворешна политика со надворешната политика на ЕУ, тоа е дел од преговарачкиот процес. Тој преговарачки процес ќе ги интегрира и Србија и Македонија… Ние ќе ја одржуваме нашата политика, но ќе водиме и сметка за нашите економски интереси. Украина начелно се придружи кон санкциите на ЕУ кон Русија но не ги примени, а кога Русија ги воведе контра-санкциите кон земјите од ЕУ за земјоделството, не ги воведе против Украина. Тие можат да војуваат и да тргуваат, а сега ние сите треба да плаќаме за тоа. ЕУ има своја политика, ние не сме членови на ЕУ, јас би сакал да сме. А, кога ќе бидеме членки на ЕУ, тогаш ќе имаме обврски и целосно да ја усогласиме нашата надворешната политика“, изјави денес во поглед на санкциите на ЕУ кон Русија српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, на заедничката прес-конференција во Скопје со македонскиот министер за надбворешни работи.

И неговиот домаќин Никола Попоски потенцираше дека Македонија како земја-кандидат за членство во ЕУ ја усогласува политиката со ставовите на Унијата, но дека постои клучна разлика во тоа што земјите - кандидати не учествуваат во креирањето, туку само во спроведувањето на политиката.

„Тука говориме за примена на меѓународно право, односно за усогласување на меѓународно-правните и меѓународно-политичките позиции на Република Македонија во однос на ЕУ. Но, не треба да заборавиме и еден факт што малку го компликува тој однос, бидејќи повеќето земји-членки на ЕУ се воедно земји-членки и на НАТО-алијансата, а добро знаеме дека во е НАТО една земја-членка која и во НАТО и во ЕУ го има сериозно прекршено меѓународното право, а тоа го има констатирано Меѓународниот суд на правдата. И тоа сериозно го проблематизира барањето или аргументирањето кон Република Македонија за примена на меѓународното право“, рекол Попоски.

Во поглед на борбата против тероризмот, двајцата министри потенцираа дека соседните држави се дел од глобалната алијанса.

„Јас би потсетил на тоа дека ние веќе години наназад предупредуваме на различни меѓународни собири на појавата на радикалниот исламизам и тоа особено на нашите простори и дека различни меѓународни фактори беа благонаклони и го толерираа нивното создавање и развој. Знаете, против тероризмот треба да се борите секаде каде што ќе се појави, а не само кога ќе го погоди вашиот интерес. Значи, тие кои досега беа кај нас, овде во Македонија, во Србија, во Босна и Херцеговина, кои се декларирани како вехабии или припадници на радикални исламистички групации - беа толерирани додека беа кај нас, а сега, кога се во Сирија или во Ирак, се бориме против нив. Што ќе биде кога тие ќе се вратат тука, пак тие ќе бидат наш проблем нели? Значи ние бараме меѓународна поддршка да се бориме против радикалниот ислам и овде кај нас“, рече Дачиќ.

Македонскиот шеф на дипломатијата истакна дека заканата од тероризмот двете држави ја споделуваат со сите партнери што се дел од евроатлантското семејство: „Мислам дека со заканата, која е иста закана за сите нас, треба да се справиме со заеднички сили“.

Дачиќ и Попоски денес потпишаа Спогодба за рационално користење на ресурсите во однос на заеднички дипломатско-конзуларни претставништва во странство и во најкус можен рок ќе бидат определени државите во кои таква соработка ќе се оствари.

„Заеднички интерес е да ги употребуваме државните ресурси разумно, Затоа одиме кон заедничко користење на простор со што ќе го намалиме трошокот на дипломатската мрежа. Ние имаме позитивни примери на соработка во оваа насока – со Унгарија, со Турција, со Словенија – и сега ми е драго што имаме ваков договор и со Србија. Рамка постои и со Црна Гора, а сакаме да ја прошириме со сите наши партнери од регионот“, потенцираше македонскиот шеф на дипломатијата.

Двајцата министри најавија дека втората заедничка седница на Владите на двете држави ќе се одржи во Скопје во октомври или ноември, а гостинот од Србија ја пренесе и поканата од српскиот премиер Александар Вучиќ за македонскиот премиер Никола Груевски за учество на средбата со кинескиот премиер во декември во Белград.

XS
SM
MD
LG