Државниот секретар Мајк Помпео го бранеше раководството на американската Агенција за глобални медиуми ( УСАГМ) против критиките дека извршниот директор се обидува да го направи меѓународниот емитувач на вести во пропагандна алатка.
Во говор во седиштето на Гласот на Америка во Вашингтон, државниот секретар во заминување изјави дека администрацијата на Трамп сака да „го преориентира Гласот на Америка“ и нејзината мисија да ја „деполитизира“.
Помпео е највиш официјален претставник од администрацијата на Трамп кој зборуваше во одбрана на УСАГМ, откако републикански и демократски законодавци во Конгресот, медиумски аналитичари и независни новинари ги критикуваа потезите на Мајкл Пек, изборот на претседателот да ја води Агенцијата.
Помпео ги повтори тврдењата на Пек дека Гласот на Америка има пропусти во безбедносните проверки и оти го загубил курсот на својата мисија.
Пред присутните, тој рече дека Гласот на Америка не треба да биде фокусиран само на тоа што е лошо во нацијата, и оти секако не е место каде им се дава платформа на режимите во Пекинг и Техеран.
Во својата поддршка кон Пек, поранешниот конзервативен режисер, државниот секретар пред присутните и оние кои го следеа во живо преку стриминг – рече дека „Ова е нов почеток во Гласот на Америка“.
По говорот на Помпео, новиот директор на Гласот на Америка, Роберт Рајли, имаше куса конверзација со него за улогата на УСАГМ, мисијата и настаните во вестите, но не беше организирана новинска конференција за прашања од новинарите. Ниту пак, го праша за насилниот упад во Конгресот при што имаше жртви.
Новинарите од Гласот на Америка кои присуствуваа на настанот се обидоа да постават прашања, но беа игнорирани од Помпео. Агенцијата не дозволи да присуствуваат новинари надвор од медиумската куќа поради ограничениот простор со протоколите поради коронавирусот.
Пред да дојде во УСАГМ во јуни, Пек беше критикуван за мерките коишто вклучуваат разрешување на првите луѓе на Радиото Слободна Азија, Радиото Слободна Европа и Мрежата за емитување програма на Блискиот исток, притоа беше прераспореден на друго работно место, уредникот за стандарди во Гласот на Америка Стивен Спрингер.
Директорката на Гласот на Америка Аманда Бенет и нејзината заменичка поднесоа оставки пред неговото доаѓање во Гласот на Америка.
Помпео ги повтори забелешките дадени претходно од Пек дека се потребни активности за да се поправат безбедносните проблеми во Агенцијата и рече дека извршниот директор е во право да стави крај на „растегливите визи Ј-1 за странски државјани“.
Во јуни, USAGM објави, разгледување „случај во случај“ за специјалната дозвола за меѓународни новинари, што резултираше неколку новинарите да го загубат работното место и правото да останат во САД откако Пек не ги обнови нивните барања.
47 јазични сервиси на Гласот на Америка се потпираат на новинари не само со јазични вештини, но исто така и со познавање за регионот што го покриваат. Гласот на Америка мора да докаже, кога најмува новинар со виза Ј-1, дека нема соодветен кандидат во САД.
Американските законодавци и организации за заштита на права, вклучително и Комитетот за слобода на печатот, ја осудија одлуката на Пек да не ги обновува визите Ј-1, посочувајќи дека тоа потенцијално ги става во опасност странските новинари доколку бидат принудени да се вратат во непријателски земји.
Говорот на Помпео доаѓа нешто повеќе од една недела пред власта да ја преземе новата администрација.
За време на изборната кампања, портпаролот на тогашниот кандидат Џо Бајден, рече дека доколку биде избран Бајден ќе го отстрани Пак од функцијата.
Facebook Forum