Линкови за пристапност

САД најавија укинување на визите за саудиски официјални лица


Укинување на визите на саудиски владини претставници за влез во САД најави Државниот секретар Мајк Помпео, како дел од мерките за убиството на новинарот Џамал Кашоги во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.

Помпео вчера рече дека САД идентификувале најмалку еден од официјалните претставници на Саудиска Арабија, којшто е поврзан со убиството на Кашоги.

Државниот секретар најави дека покрај укинувањето на визите ќе има и други мерки кон тие што се вмешани во убиството, а со што САД ќе покажат дека не го толерираат бруталниот начин применет за замолчување на саудискиот новинар.

„Ставаме јасно до знаење дека САД не ја толерираат оваа безмилосна примена на насилство за замолчување на новинарот“, рече Помпео.

Тоа воедно е прва конкретна мерка на САД против Саудиска Арабија откако беше објавена веста за исчезнувањето на Кашоги.

Помпео сепак не откри на колкумина од саудиските официјални лице ќе им бидат укинати визите за влез во САД.

Државниот секретар воедно додаде дека САД размислуваат и за економски санкции и тоа врз основа на т.н. акт Магницки. Актот е именуван според Сергеј Магницки, руски адвокат којшто почина во затвор, каде бил одведен откако открил даночни измами во кои биле вклучени владини лица.

Претседателот на САД, пак, Доналд Трамп, обидот на саудиските власти да го прикријат убиството го нарече „едно од најлошите прикривања“ во историјата.

Трамп воедно истакна дека зборувал со Саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман, којшто е во пракса лидер на земјата, и од него добил уверување дека лично не е вмешан во убиството, каки и дека тоа било извршено од пониски нивоа.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган деновиве објави детали за убиството. Пред турскиот парламент тој објасни дека во убиството биле вклучени 15 саудиски агенти. После убиството тие се обиделе да го прикријат чинот, така што агент преправен како Кашоги се движел низ Истанбул.

XS
SM
MD
LG