Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, денес се сретна со својот турски колега, во обид да добие ослободување на Ендрју Брунсон, американски свештеник, кој Турција го обвини за поддршка во тероризмот.
Администрацијата на Трамп, пак, санкционираше турски официјални лица поради притворањето на Брунсон. Турција објави дека санкциите се неприфатливи.
Помпео и Мевлут Чавушоглу се сретнале на маргините од состанокот на регионалните министри во Сингапур.
Помпео за новинарите пред состанокот изјави дека САД ја предупредиле Турција „дека времето истекло и дека е време пасторот Брунсон да биде ослободен“.
„Брунсон треба да се врати дома, како и сите Американци што ги држи турската влада. Тие се невини луѓе“, додаде Помпео.
Турција, исто така, уапси тројца турски вработени во американскиот Конзулат во Истанбул.
Турското Министерство за надворешни работи ги нарече санкциите „непочитувачка интервенција во нашиот правен систем“, која ќе им наштети на „конструктивните напори за решавање на проблемите меѓу двете земји“.
Американскиот свештеник се соочува со обвиненија за тероризам и шпионажа за наводни врски со следбениците на турскиот свештеник од САД, Фетулах Ѓулен, кој пак, е обвинет за неуспешниот државен удар во 2016-тата година, а кого Турција сака да го екстрадира.
Минатиот месец, во потег што се сметаше како добар гест од страна на Вашингтон, Брунсон беше преместен во домашен притвор, по речиси две години поминати во затвор. Но, американскиот претседател Доналд Трамп побара тој да биде вратен во Америка. Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган вели дека притворот за Брунсон е прашање кое треба да го решат судовите.
Вашингтон ја обвини Анкара за притворање на заложници, тврдејќи дека Брунсон е дел од намерите на Турција преку такви како нив, да дојде до решение за споровите кои ги имаат двете земјите.
Помпео вчера отпатува за Малезија. Ова беше прва посета на неговата азиска турнеја, која пак се очекува да се фокусира на промовирање на слободната трговија и притисокот врз Северна Кореја да се откаже од нуклеарното оружје.
Facebook Forum