Линкови за пристапност

Евроскептицизмот во Македонија е нус-појава на „груевизмот“!


„Ние од ВМРО-ДПМНЕ, ја гледаме Република Македонија како полноправна членка на НАТО и ЕУ порачуваат реформаторите од партијата

„Во Македонија не е проблем дали опаднал интересот за ЕУ и НАТО. Јас се плашам да не опадне интересот на ЕУ и НАТО за Македонија! “, вели Петар Богојески, еден од најекспонираните членови на Републичкиот штаб за реформи на ВМРО-ДПМНЕ, со кого Гласот на Америка разговараше со меѓународната позиција и релациите на Македонија со САД и со Русија.

„Морам да истакнам дека „надворешната политика“ на Никола Груевски, не е политика на ВМРО-ДПМНЕ. За жал, Груевски никогаш немал своја лично креирана политика во меѓународните политички односи. Тој направи некој вид на „хибридна“ политика, како сублимат на политиките на двајца лидери, Јосип Броз Тито и Слободан Милошевиќ. Од таа каша, испадна оваа т.н. “надворешна политика на Груевски“.

Тоа е политика на „постоење“ на надворешни непријатели и внатрешни предавници, кои меѓусебно се организирале за да го уништат македонскиот народ со „митско“ потекло, како најубав и најспособен народ на светов. Со тоа, токму нашиот македонски народ, го доведе во опасност за уништување. Груевски е најзаслужен за отварање на „идентитетските“ прашања. За жал, токму таа негова потреба од “митското“ потекло на Македонците, нè доведе во опасност да го изгубиме нашиот изворен македонски идентитет. Ние, како ВМРО-ДПМНЕ, препознаваме македонски национални интереси, се залагаме за промоција на „реален патриотизам“, за заштита на вистинските македонски национални вредности“, изјави Богојески во разговорот за Гласот на Америка на македонски јазик, за надворешната политика, која раководството на негоата партија ја водеше додека беше на власт во Македонија.

За приоритетите во надворешната политика на Македонија во следниот период, за кои ќе се залагаат реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ, Богојески ни рече: „Токму поради потребата да се измисли надворешен непријател за да опстои домашната управа, по теркот на Тито, власта на Груевски ги прогласи ЕУ и НАТО за непријатели на Македонија. Тешко на таа земја во светов, со толку моќни непријатели! Премиерот и сите министри земаат плата за да создаваат пријатели, а не непријатели на Македонија.

Евроскептицизмот во Република Македонија е нус- појава на “груевизмот“, и како таков ќе заврши со крајот на „груевизмот“. Сепак, македонските граѓани се наполно зрели за да разберат која е иднината на нашата заедничка татковина. Евроатлантскиот пат - нема алтернатива! Ние од ВМРО-ДПМНЕ, ја гледаме Република Македонија како полноправна членка на НАТО и ЕУ, со решени прашања со сите соседи. Ќе живееме во мир и братска соработка со сите наши пријатели од Балканот. Сите оние кои го прифаќаат нашето право на просперитетна и слободна државност се наши пријатели. Тука, секако, предничат САД“, дециден е Богојески.

На прашањето дали поради таквата политика на владите на Груевски во изминатата деценија, во Македонија се намалува интересот на граѓаните за ЕУ и НАТО, Богојески одговори дека „во Македонија не е проблем дали опаднал интересот на граѓаните за ЕУ и НАТО. Јас се плашам да не опадне интересот на ЕУ и НАТО за Македонија! Во тој случај, ја загрозуваме државноста, како најголем македонски национален интерес. Сигурен сум дека ќе преовлада разумот кај сите и ќе живееме во мир и спокој“.

За јакнењето на политичкото влијание на Москва врз Македонија, Богојески го изнесе следниот став: „Русија е голема земја, со силно влијание на светската политичка сцена. Не сум добро упатен, но мислам дека е значаен трговски партнер и на Република Македонија, па оттука, македонски интерес е да одржуваме пријателски односи. И не само со Русија, туку со сите земји во светот, ако го прифаќаат горенаведениот предуслов - нашето право на просперитетна и слободна државност. Иако во минатото, Русија не го подржувала и со конкретни чекори го саботирала процесот на воспоставување на македонската државност, особено ја гледам за индиректен поттикнувач на настаните во Егејска Македонија по Втората светска војна, сепак, во интерес на иднината и просперитетот треба да им простиме и да гледаме напред. Да ја информираме Русија дека наш македонски национален интерес и наша автономна македонска одлука е апликацијата за членство во НАТО и ЕУ, и дека не треба да ни стојат на патот за таа наша амбиција. Доколку е тоа прифатливо за нив, за нас, нема проблем да бидеме пријатели и трговски партнери... Зголеменото влијание на Русија на македонската политичка сцена е фикција на Груевски и истото, тој дирекно го поттикнува со погрешните политики, за подоцна, тој аргумент да го користи за притисок кон европските политичари! Да го користеше тој капацитет за заштита на македонските државни интереси ќе беше добро, но тој истото го користи за заштита на личните интереси“.

Околу актуелните случувања на релациија: Македонска православна црква – Бугарска и Српска православна црква, Богојески за Гласот на Америка на македонски јазик, истакна:

„Во врска со прашањето за обезбедување на канонски автокефален статус на МПЦ – ОА, ќе апострофирам дека македонската Црква е најголем заштитник и промотор на македонскиот идентитет. Нејзиното канонизирање ќе значи легитимирање на нашиот, не само духовен, туку и световен идентитет. Оттука е нејасно како тоа најголемиот борец за ‘заштита на македонскиот национален идентитет’ - Груевски и тие кои веруваат во таа приказна и се жестоки негови соборци, сега никаде ги нема да ја поткрепат борбата токму за тој идентитет, а која доаѓа рамо до рамо со канонизацијата на МПЦ. Тоа е директен доказ за лажниот патриотизам, кој се наметна во македонското општество, како резултат на практикуваниот ‘груевизам’...

МПЦ донесе сериозна и вистинска одлука, БПЦ истата ја поткрепи, па очекувам во рамки на воспоставеното црковно право, да дојдеме до конечно решение. Честитки за храброста на великодостојниците на двете Цркви. Од друга страна, би се воздржал од коментирање за СПЦ, само ќе искажам жалење што истата се однесува повеќе како политичка институција на Грција, околку како Црква на српскиот народ. Се надевам дека и СПЦ ќе се соочи со реалноста и ќе застане на страната на вистината и на она што нè учи нашиот христијански Бог“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG