Посетата се случува во турбулентен период за регионот – ситуацијата во Босна и Херцеговина, односите Косово-Србија, проблемите меѓу Скопје и Софија поради кои и Албанија е блокирана во евроинтеграциите, ковид-кризата...
Овие отворени прашања косовската претседателка Вјоса Османи, во присуство на претседателот Стево Пендаровски, ги дополни со уште едно – обиди за дестабилизација кои, како што рече, доаѓаат од Русија.
Косово и регионот се соочуваат со големи ризици од аспект на безбедноста поради тенденциите за дестабилизација што доаѓаат од Русија преку Србија.Османи, претседателка на Косово
„Косово и регионот се соочуваат со големи ризици од аспект на безбедноста поради тенденциите за дестабилизација што доаѓаат од Русија преку Србија. Ние сме посветени да ги избегнеме таквите притисоци, но и да ги превенираме тие закани. Нашиот регион бара конкретни чекори кон ЕУ, но и ни треба мир и стабилност кои не можат да се постигнат ако преку Србија доаѓа влијание од Русија.“, изјави Вјоса Османи, претседателска на Косово.
Пендаровски го поздрави договорот за де-ескалација на тензиите во северно Косово. Порача дека единствен механизам за напредок е дијалогот. Повтори дека Скопје ги поддржува напорите на Вашингтон и Брисел за изнаоѓање решенија за отворените прашања, вклучувајќи го и она меѓу Приштина и Белград.
Северна Македонија поддржува заемно прифатливо решение меѓу Белград и Приштина, со потенцијал да придонесе кон регионалната стабилност и кое нема да ја загрози безбедноста на соседните држави.Пендаровски, претседател на Северна Македонија
„Со претседателката на Косово, разговаравме и за дијалогот Приштина – Белград. Сите сме свесни дека ова е еден многу тежок и компликуван процес, но верувам дека сите луѓе со добра волја во регионот и пошироко, ќе го поддржат решавањето на спорот, кој на крајот ќе значи иреверзибилна пацификација на регионот. Дозволете ми во оваа прилика да го реафирмирам нашиот став, а тоа e дека Северна Македонија поддржува заемно прифатливо решение меѓу Белград и Приштина, со потенцијал да придонесе кон регионалната стабилност и кое нема да ја загрози безбедноста на соседните држави.“, изјави Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија.
За прашањето на блокадата од Бугарија која ниту вчера не беше надмината на Советот за општи работи на Унијата, Пендаровски вели дека за него е прифатлив пристапот што го најави новиот бугарски премиер Кирил Петков – наместо само низ призма на историјата, релациите меѓу Скопје и Софија да се градат и низ економијата, трговијата, инфраструктурата, културата, човековите права.
Пендаровски не се согласува со рокот за кој зборува Петков – 6 месеци, зашто, според него, прашањето може да се реши многу побрзо. Дали продолжувањето на стоењето во место во ЕУ-интеграциите, сега, поради Бугарија, претставува отворена врата за дестабилизација на земјата – Пендаровски вели „не“, нема таква опасност.
Facebook Forum