Убиството на 16 селани во покраината Кандахар за кое се товари американски војник само дополнително ги затегна односите меѓу Вашингтон и Кабул. Ова се другите:
|
Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи повика американските сили да се повлечат од селата во земјата и да се релоцираат во нивните бази, по убиството на 16 цивили во источниот дел на земјата за кое се товари американски војник.
Карзаи на средбата со секретарот за одбрана Леон во Кабул кажа дека владата сака да преземе целосна контрола за безбедноста во 2013-та, а не во 2014-та, како што беше првично планирано. Тој рече и дека „Авганистан е подготвен да ја преземе целата одговорност за безбедноста уште веднаш“.
Панета, пак, изрази увереност дека САД и Авганистан ќе постигнат договор за долгорочното американско присуство по повлекувањето на меѓународните сили 2014-та.
Наводно, САД во Катар разговараат со Талибан за постигнување на политичко решение за војната во Авганистан долга веќе една деценија. Па сепак, Талибан денес издаде соопштение дека ги прекинал контактите со американската страна „се додека Американците не го разјаснат својот став по прашањата“.
Панета на денешната средба со новинарите изјави дека е оптимист оти владите на САД и Авганистан ќе се договорат во врска со ноќните рации – главна пречка за предложениот стратешки договор меѓу двете земји. Карзаи бара да запрат тавките операции на коалиционите сили, велејќи дека причинуваат цивилни жртви.
Карзаи и Панета разговараа и за масакрот на 16 авганистански селани во покраината Кандахар, од кои голем број деца, а за кој се товари американски водник.
Водникот, кој се уште официјално не е обвинет, ниту пак е објавено неговото име, средата бил префрлен во Кувајт. Заменик-командантот на американските сили во Авганистан, генерал-полковникот Куртис Скапароти кажа дека осомничениот бил префрлен за да се обезбеди соодветен притвор и пристап до адвокат. Портпаролот на Пентагон Џон Кирби кажа дека префрлањето не мора да значи дека судењето нема да биде во Авганистан, како што бараа многумина Авганистанци. Денес во јужниот град Калат демонстранти извикуваа антиамерикански слогани, барајќи правда и јавно судење во Авганистан.
Панета пристигна во Авганистан средата. Тој потенцираше дека неодамнешните насилства нема да ги спречат САД да ја остварат мисијата во земјата. Иако убиството на цивилите е „длабоко згарижувачко“, тоа не се одразува негативно на однесувањето на НАТО-силите во целина, рече Панета.