Пакистан го повика американскиот амбасадор да му врачи протесна нота, заради твитер-пораките на претседателот Трамп во коишто го обвини Исламабад за овозможување засолниште за терористите кои војуваат против американските сили во соседен Авганистан.
Портпаролот на Амбасадата на САД во Исламабад, потврди дека амбасадорот Дејвид Хејл бил повикан во Министерството за надворешни работи во понеделникот навечер на дискусија за пораката на претседателот Трамп напишана за Нова година.
Во својата прва твитер-порака во 2018-та, претседателот резигнирано рече дека САД непромислено одвоиле над 33 милијарди долари помош во последните 15 години, а за возврат не добиле ништо освен „лаги, трикови, и убедување дека американските лидери се наивни“.
„Тие им даваат прибежиште на терористите против кои војуваме во Авганистан. Тоа нема повеќе да биде така“, напиша Трамп.
Како одговор на оваа порака, шефот на пакистанската дипломатија Каваја Асиф, исто така преку Твитер, напиша дека неговата земја ќе му ja каже „вистината на светот и ќе ја предочи разликата меѓу фактите и фикцијата“.
Facebook Forum