Македонија има проблем со слободата на медиумите - оваа констатација од Извештајот на Европската комисија ја потврди и специјалниот претставик на ОБСЕ за слобода на медиумите Дуња Мијатовиќ на крајот на тридневна посета на Македонија и по средбите со претставници на медиумите и власта.
Недостигот на правна рамка, воспоставувањето на реформи на јавниот радиодифузен сервис и во Советот за радиодиодифузија, како и непостоењето на единство меѓу новинарите се најпроблематичните области во однос на слободата на медиумите што ги потенцираше Мијатовиќ.
„Граѓаните, политичарите, новинарите и сопствениците на медиумите треба да сфатат дека и` служат на јавноста, а не на политиката. Проблем е и тоа што новинарите се делат меѓу себе во однос на нивниот политички интерес и таа поларизација е деструктивна и е еден од најголемите проблеми во општеството“, изјави Мијатовиќ.
Таа директно им се обрати на новинарите: „...Да се потсетите, да бидете повеќе ориентирани на јавноста, да ја информирате јавноста, а не да ги следите бизнис-интересите и политичарите“.
За Мијатовиќ е проблем и законската регулатива со која се овозможуваат високи парични казни против новинарите.
„Ако властите навистина сакаат да покажат добра воља, дека итно е потребно да се направи нешто за да се подобри негативниот имиџ за слободата на медиумите во оваа земја, треба да се декриминализирира клеветата и навредата, што е можно поскоро“, рече претставничката на ОБСЕ.
Таа најави дека нејзината кацеларија по оваа мисија ќе изготви анализа и препораки за тоа како да се надмине ситуацијата со слободата на медиумите. Мијатовиќ ги оцени средбите со премиерот Никола Груевски, вицепремиерката Теута Арифи и министерот за надворешни работи Никола Поповски како позитивни и рече дека добила ветување дека проблемите ќе се решаваат. Таа го поздрави започнатиот дијалог меѓу власта и Здружението на новинарите на Македонија и очекува во брзо време конкретни резултати.