Феликс Браз е турист од Европа. Тој вели дека ниските цени на бензинот се краткорочна појава.
„Секако дека ќе се зголемат бидејќи потребата за бензин во светот расте. Познато е дека резервите не растат и не е тешко да се претпостави дека порано или подоцна ќе имаме недостаток на бензин“, вели тој.
Браз е од Луксембург, каде цената на бензинот е двојно поголема споредено со САД, главно заради данокот.
Ахмед Ал Хелу, по потекло од Јордан, смета дека бензинот во Америка е веќе прескап.
„Во Катар за галон плаќате 75 центи, споредено со овдешните речиси 4 долари. Тоа навистина тешко го погаѓа џебот“, вели тој.
Од април наваму, цената за барел сурова нафта забележа пад за околу 30 долари. Економистите велат дека падот на цената е поврзан со стравувањата дека забавената економија ќе ја намали и побарувачката за нафта.
Пол Исбел од Вашингтон, е експерт за енергетика и климатски промени. Тој ја обвинува неизвесноста во главниот град на САД и неодамнешното намалување на кредитниот рејтинг.
Според него, ова е последниот фактор што причини екстремна нестабилност во цената на нафтата.
„Во 2008-ма имавме слична ситуација за време на финансиската криза, кога барел нафта вредеше 150 долари. Цунамито во Јапонија и немирите на Блискиот Исток имаат свое влијание“, додава овој аналитичар.
Исбел вели дека шоковите од цената на нафтата најмногу ги погаѓа сиромашните и сепак има начин за контрола во оваа област - владите можат да ги намалат или зголемат даноците на нафтата за да компензираат за променливоста на цените. Тој вели, едноставно треба да престанеме да мислиме: „Високите цени на нафтата се лоша работа, а евтината нафта е добра“, зашто тоа не секогаш точно.