„Охридскиот регион е еден од ретките локалитети во светот со двојна заштита (на културно и природно наследство), жариште на биодиверзитет, ризница на богатство кое никогаш нема да секне, ако се користи со ум и со визија!“, потенцира Драгана Велковска, активистка од граѓанската иницијатива Охрид СОС.
Денеска истекува рокот што Комитетот за светско наследство на УНЕСКО ѝ го определи на Република Македонија со Одлуката 41 СОМ 7Б 34, усвоена на 41-та сесија на Комитетот за светско наследство, одржана во Краков, во Полска во јуни 2017, за поднесување Извештај за напредок во имплементацијата на препораките од здружената Мониторинг мисија на Центарот за светско наследство на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО), на Меѓународна унија за заштита на природата (IUCN) и на Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ICOMOS). Експертската комисија која во април 2017 престојуваше во Охрид, изврши увид во почитувањето на нивните препораки за обемот на градежните зафати и за нивното влијание врз животната средина и културното наследство.
Извештајот од Министерството за култура е дел од задолжителната процедура која властите на Република Македонија треба да ја преземат, за да спречат - единственото заштитено УНЕСКО - добро во Македонија да се стави на Листата на светско наследство во опасност, што пак, доколку и понатаму не се преземаат мерки за заштита, би можело да води и до бришење на Охрид од листата на Светско наследство на УНЕСКО!
Граѓанската иницијатива Охрид СОС, една од најекспонираните организации која се залага за заштита на животната средина, на Охрид и на Охридското Езеро, затоа побара, „имајќи ги предвид големите потенцијални последици по статусот на Светско наследство на Охрид и регионот...како и во интерес на обезбедување јавен увид во владините политики“, граѓаните на Република Македонија да бидат информирани за случувањата во врска со извештајот.
По тој повод, разговаравме со активистката Драгана Велковска, од граѓанската иницијатива Охрид СОС.
„Охридскиот регион е еден од ретките локалитети во светот со двојна заштита (на културно и природно наследство), жариште на биодиверзитет, ризница на богатство кое никогаш нема да секне ако се користи со ум и со визија!“, децидна е Велковска, која во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, дополнува дека во Македонија, „досега ниедна влада не покажала способност за одговорно управување со овој регион“.
„Имајќи ги предвид ветувањата од сегашниот состав на Владата на Република Македонија, бараме да ги почитува роковите зададени од УНЕСКО. Бараме транспарентно да ги споделува со јавноста сите извештаи кои ги доставува до оваа институција, бараме да ги повлече сите проекти кои се јасно наведени во забелешките на Мониторинг-мисијата, кои значат сигурно уништување на природата и на туристичкиот потенцијал на регионот, какви што се, на пример, експресниот пат А3 и Ски-центарот во срцето на Националниот парк ‘Галичица’“, изјави Велковска за Гласот на Америка.
„Извештаите од секоја земја-членка на УНЕСКО се достапни на веб-страницата на УНЕСКО. Последен извештај од Македонија поставен на таа страница е од 2015-та. Необјавувањето извештаи и информации од властите во Македонија за домашната јавност, само го интензивира впечатокот дека традицијата продолжува. Очекуваме Владата да си ги исполни обврските кои произлегуваат од меѓународниот договор што Македонија го има потпишано со УНЕСКО и доследно да работи на заштита и унапредување на регионот, дотолку повеќе што Охрид не ни припаѓа само нам, на Македонците, Охрид му припаѓа на светот и на идните генерации! Ние немаме никакво право да го уништиме, имаме единствено должност да го заштитиме“, потенцира Велковска.
Во соопштението на граѓанската иницијатива Охрид СОС за спас на Охрид како наследство на УНЕСКО, се наведува дека според предложениот распоред на Реактивната мониторинг мисија на Центарот за светско наследство, до денеска требало да биде остварено: трајно отфлање на планот за Ски-центар во Националниот парк Галичица и трајно отфлање на секциите А и Е и суспендирање на останатите секции од планираниот експресен пат А3 низ Националниот парк Галичица; прогласување мораториум на сите градежни модификации на крајбрежјето и урбаното подрачје во рамките на Светското наследство, сè додека не се изработат сите релевантни плански документи, не се прифати соодветна правна регулатива и не се воспостави ефикасна контрола; изработка на темелна проценка за утврдување на заштитната зона на Светското наследство, што идеално би го опфатила и Преспанското Езеро; иницирање на Стратешка оцена за влијанието врз животната средина (СОЖС) за Планот за управување со Охридскиот регион 2016-2025, а Стратегијата да биде поднесена до Центарот за светско наследство пред да се спроведат какви било одлуки кои би произвеле непоправливи последици; стопирање на процесите на легализација на бесправно изградените објекти, сè додека не се направи нивна евиденција и не се изработи оцена на влијанието врз природното и културното наследство на сите нелегално изградени објекти; ригорозна примена на законите за да се спречи секакво нелегално градење, како и вклучување на локалната заедница и на невладините организации во вистински партиципативен приод кон управувањето со Светското наследство.
За долгорочна гаранција на статусот на Охрид како Светско природно и културно наследство, Охрид ЅОЅ очекува целосно и транспарентно објавување на Извештајот на македонските власти до УНЕСКО и формално образложение за мерките кои (ќе) се преземаат.
Facebook Forum