Линкови за пристапност

Гости од Балканот - најбројни за Велигден покрај Охридското Eзеро


Велигденски базар во Охрид
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:15 0:00

Велигденски базар во Охрид

Најмногу туристи од Црна Гора, Албанија, Бугарија, Србија, но и Грција

Гостите од балканските држави, но и домашните туристи се најбројни за Велигденските празници во Охрид. Поголемиот дел од приватното сместување е исполнето до последното место, а одлична е ситуацијата и на хотелските капацитети.

Иако Велигден важи за семеен празник, сепак продолжениот викенд ќе го исполни најголемиот туристички центар во Македонија. За Велигден во Охрид беше отворен и т.н. Велигденски базар, на којшто се нудат автентичните македонски специјалитети кои се подготвуваат за време на големите пости, но и за самиот ден Велигден, а локалните занаетчии и фирми имаат можност да ги промовираат своите рачни изработки.

„За празникот имаме гости од Црна Гора, Албанија, Бугарија, Србија, но и Грција. Тие традиционално доаѓаат за овој празник во Охрид. На гоститите им се нуди и посета на некои од многубројните верски објекти низ градот и околината, бидејки станува збор за верски празник. Со еден збор, очекуваме одлична посетеност на градот во наредните неколку дена. На овој начин можеме да кажеме дека полека почнува и туристичката сезона покрај Охридското Езеро“, изјави Љупчо Јузмески, туристички водич од Охрид.

Гостите од Грција организирано секоја година ја посетуваат црквата Свети Ѓорѓија, каде присуствуваат на дочекот на Воскресението Христово, додека бугарските гости се најбројни во црквата Света Богородица. Централната манифестација во Охрид се одржува на Плаошник во црквата Свети Пантелејмон.

Хотелите покрај езерото се околу 70% исполнети, што според претставниците на индустријата, е задоволителна бројка за овој период од годината.

„Има групи од Бугарија, Албанија и Романија. За Велигден им се нудат специјални пакет-аранжмани во кои се вклучени посета на верските објекти, специјална трпеза со посни јадења, како и традиционални специјалитети“, изјави Перо Кутаноски, менаџер на хотел Гранит.

Гостите ќе имаат можност да ги посетат стариот дел на градот, Свети Наум, Музејот на вода, но и да уживаат во прошетката со кајче низ езерото. За туристичките работници исполнетоста за Велигден и првомајските празници може да биде показател за тоа каква туристичка сезона го очекува Охрид.

Летната сезона ќе ја отворат гостите од Холандија и Белгија, кои и оваа година први ќе пристигнат во Охрид од Амстердам на почетокот на мај. Чартер летови ќе има и од Истанбул, Катовице и Варшава во Полска, Талин во Естонија, Белград, како и од неколку други европски дестинации. Овде се и кружните тури со гости од Азија и Јужна Америка, како и се` побројните туристи од Турција.

За инволвираните во туризмот главен проблем за градот остануваа недоволниот број сместувачи капацитети.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG