Линкови за пристапност

Девет години од Рамковниот договор


Девет години од Рамковниот договор
Девет години од Рамковниот договор

Деветгодишнината беше одбележана со скромна прослава организирана од вицепремиерот задолжен за имплементација на Охридскиот договор, Абдулаќим Адеми

Девет години по потпишувањето Рамковиот договор, со што беше ставен крај на вооружениот конфликт во Македонија во 2001-ва, и натаму не престанува да биде жешка тема за политичка дебата. Некои се гордеат, други се срамат, трети веруваат во него, а за четврти тој е мртво слово.

Деветгодишнината беше одбележана со скромна прослава организирана од вицепремиерот задолжен за имплементација на Охридскиот договор, Абдулаќим Адеми.

Политичките партии различно се огласија на поканата за одбележување на годишнината.

„Од моментот кога се потпиша ОРД, постојано го почитуваме и ќе продолжиме доследно да го спроведуваме, со сите негови предности и слабости, правиме максимум да го спроведуваме по утврдената динамика, но и побрзо од тоа“, стои во писменото соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот Ѓорѓе Иванов потенцираше дека станува збор за специфичен модел кој се темели на традицијата на заемно почитување меѓу етничките заедници. Треба да се согледа и економската димензија, нагласи Иванов.

„Таков модел на демократија е скап модел, затоа што минимум ви треба осум илјади долари по глава на жител за да тој биде целосно функционален, што значи тој аспект мора да го имаме во предвид. Ако не ја збогатуваме економијата, ако Македонија не создава нови вредности, нови пазари за своите производи, не создава повисок ГДП по глава на жител, секојпат ќе се јавуваат проблемите“ изјави Ѓорѓе Иванов.

Владеачкиот коалиционен партнер ДУИ го пофали Рамковиот договор, но потсети на обврските што допрва треба да се имплеметираат.

„И тогаш и сега, ЕУ констатира дека Македонија напредува во имплементацијата на ОРД, но дека треба и понатаму да се продолжи со неговото спроведување. Во некои области има повеќе напредок, во некои се забележува напредок, меѓутоа има уште да се работи и да се доврши во овој Договор“, вели Абдулаќим Адеми, потпретседателот во Владата.

Наспроти ДУИ, опозициските етнички албански политички партии се незадоволни од тоа како се спроведува договорот:

„За жал во овој 9-годишен период договорот честопати се најде во погрешни раце, како што е сега во моментот во рацете на оваа влада, на коалицијата ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ кои што не само што не го спроведуваат она што е напишано во договорот и што понатаму е преточено во Уставот на РМ, туку честопати во делот на донесувањето на законите на многу рестриктивен начин се пренесува, а и по донесувањето на тие закони, тие не се спроведуваат во јавниот живот“, рече Имер Селмани, претседател на НД.

Во ДПА се уште порадикални во критиките. За нив, Рамковниот е мртов.

„Можам да констатирам дека овој договор не е реализиран и кога еден политички договор не се реализира, станува јасно дека треба да се понуди нешто ново. ДПА имаше визија да понуди нов; договор кој ќе ги реши овие чувствителни прашања на Албанците во Македонија, како што е пропорционалната распределба на буџетот и консензуалната демократија“, изјави Имер Алиу од ДПА.

Важен документ за иднината на Македонија – вака го оценија опозициските социјалдемократи. За нив, не постои алтернатива на договорот:

„Гледано од дистанца од девет години, а тоа не е голема период во историска смисла, мислам дека кога би се запрашале која би била алтернативата на тоа, мислам дека би било многу тешко да се спроведе таква алтернатива, така да ОРД дефинитивно ги стабилизираше меѓуетничките односи, направи еден вид патоказ како треба да се движи македонското општество, тој е договор на политичките елити, значи институиран од горе и многу е важно како тој ќе профункционира меѓу граѓаните“ изјави Гордан Георгиев, потпретседател на СДСМ.

Охридскиот Рамковен договор е последица на конфликтот во Македонија во 2001-ва. Негова цел беше да обезбеди трајна стабилност на честопати кревките меѓуетнички односи во Македонија, особено меѓу двете најголеми етнички заедници - македонската и албанската. Како гаранти зад договорот во 2001-ва застанаа НАТО, ЕУ и САД. Со оглед на тоа дека имплемантацијата на овој документ, чија содржина стана дел од Уставот, е клучна за евроатланската перспектива на Македонија, неговата имплементација се` уште не е довршена, особено во областа на децентрализацијата и правичната застепенот на малцинствата во институциите.

XS
SM
MD
LG