Американскиот претседател Барак Обама во Белата куќа се среќава со конгресни лидери од обете партии откако преговорите за националниот долг западнаа во ќорсокак.
На одвоени средби со водачот на сенатското малцинство, републиканецот Мич Меконел и лидерот на мнозинството, демократот Хари Рид, Обаќа ќе се обиде да издејствува спогодба за долгот и подигањето на владиниот лимит за позајмување.
САД се во опасност да не можат да го отплаќаат долгот од 14 трилиони долари, доколку наредниве неколку недели Конгресот не ја зголеми крајната граница за позајмување на владата.
Републиканските законодавци минатата недела ги напуштија преговорите, незадоволни од предлогот на Белата куќа да ги зголеми даноците и така да го намали владиниот буџетски дефицит.
Републиканците, кои се мнозинство во Претставничкиот дом, бараат големо скратување на трошоците, без да се зголемат даночните обврски. Демократите, пак, возвраќаат дека зголемувањето на даноците за богатите Американци и големите компании се неопходни за да се намали дефицитот.