Линкови за пристапност

Кремљ: Ако САД почнат да развиваат нови проектили, ќе мораме и ние да одговориме соодветно


Кремљ изрази загриженост по најавите на претседателот на САД, Доналд Трамп за повлекување од договорот со Русија за контрола на нуклеарното оружје. Коментарите од руска страна се дека тој потег може „да го направи светот многу поопасно место“.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков во изјава за медиумите истакна дека Русија не го нарушила договорот. Тој додаде и дека доколку САД почнат да развиваат нови проектили, тогаш и Русија ќе биде присилена на соодветен одговор.

Песков нагласи дека руските власти првично планираат да се информираат за американските планови од прва рака, пред да преземат какви било други чекори во однос на Договорот што се однесува на нуклеарни проектили со среден дострел.

За ова прашање се очекува да стане збор на средбата што американскиот советник за национална безбедност, Џон Болтон, ќе ја има со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, како и со претседателот на Русија, Владимир Путин.

XS
SM
MD
LG