Кристално чиста препорака за Северна Македонија, со се понеизвесен датум. Експерти во Вашингтон по позитивните оценки од Могерини и Хан, најавија дека нема гаранции за клучниот исчекор за Северна Македонија, и тоа кога би се случил датумот за преговори со ЕУ.
Антоан Рипол, директор на канцеларијата на Европскиот Парламент во Вашингтон коментира -
„Европа изминатите години испраќа пораки кон источните држави и кон Балканот дека се дел од европското семејство. Сепак, потребно е трпение, зашто членството не се случува преку ноќ, туку дека се потребни години“
Емилиано Алесандри, експерт од Германскиот Маршалов фонд на САД, смета дека сега е на потег Брисел да му даде нов ветер на Балканот -
„Мислам дека Европа треба да се фокусира на завршување на интеграцијата на Балканот, а Северна Македонија и Албанија се многу важен дел од мозаикот. Европскиот Парламент има голема одговорност кон овозможување перспектива за членство. Особено, сега кога прашањето за името е зад Северна Македонија, процесот на интегрирање во ЕУ треба да се забрза, секако ако се исполнат неопходните предуслови“.
И Бен Хадад, директор на „Иницијативата за иднината на Европа“ при Атлантскиот совет, наведува дека главна пречка е растечкиот евро-скептицизам меѓу членките на ЕУ.
„Отворањето на разговорите за проширувањето е неопходно и позитивно, но проблемот е што има растечки скептицизам во јавноста во ЕУ. Во Европа во моментов има замореност за проширувањето и има пораст на популизмот. Европејците особено по изборите за Европскиот Парламент треба да ја повратат самодовербата кон проширување на европското семејство“.
Според него, исходот од изборите за Европарламентот е охрабрувачки за Европа, зашто популистите не добија масивна поддршка, иако претстојат предизвици со оглед дека составот од пратениците е најразнолик во изминатите две децении, а не треба ниту да се занемари и влијанието од кризата со Брегзит.
Facebook Forum