Линкови за пристапност

Северна Кореја ќе лансира сателит


САД, Јужна Кореја и Јапонија го карактеризираат потегот како провокација.

Северна Кореја најави дека наредниот месец ќе употреби ракета од долг домет за да лансира сателит во чест на 100-от роденден на покојниот претседател Ким Ил Сунг, што паѓа на 15-ти април.

Во соопштението пренесено преку државните медиуми, портпаролот на Севернорејската комисија за вселенска технологија наведува дека сателитот од домашно производство за набљудување на Земјата, што ќе орбитира над нејзините полови, ќе биде лансиран на ракета од типот Унха-3.

Јужна Кореја реагираше дека се работи за очигледно прекршување на Резолуцијата 1874 на Советот за безбедност која забранува секаков вид на лансирање во кое се користи технологија на балистички проектили. Јужнокорејското Министерство за надворешни работи соопшти дека лансирањето би било провокација, опасна по мирот и безбедноста на Корејскиот Полуостров и Североисточна Азија.

Јапонскиот владин портпарол Норијуки Шиката за Гласот на Америка изјави дека Токио на веста „реагирал со тесна соработка со другите загрижени влади“, како оние на САД и Јужна Кореја.

Американскиот Стејт департмент оцени дека се работи за „крајно провокативен“ чекор. Порпаролката Викторија Нуланд изјави дека Вашингтон во моментов се консултира со меѓународните партнери за евентуалните противмерки.

Во 2009-та, Северна Кореја изврши слично лансирање, што нашироко беше осудено како параван за тестирање на ракетите од долг домет. Официјален Пјонгјанг минатиот месец се согласи да прекине со ваквиот вид на тестирање, во рамки на спогодбата со која САД би доставиле 240.000 метрички тони помош во храна за Северна Кореја.

XS
SM
MD
LG