Линкови за пристапност

САД: лансирањето би ги прекршило резолуциите на ОН

Северна Кореја, пак, тврди дека испраќа метеоролошки сателит во орбитата, а не тестира проектил.

САД тврдат дека Северна Кореја со планираното лансирање на ракета „јасно и сериозно“ би ги прекршила своите обврски од резолуциите на Советот за безбедност на ОН.

Портпаролот на Белата куќа Џеј Карни денес изјави дека со лансирањето на проектилот би била доведена во прашање и американската помош во храна за осиромашената земја. САД со сојузниците ќе работат на следни чекори доколку официјален Пјонгјанг го изврши лансирањето, рече Карни.

Северна Кореја претходно соопшти дека ракетата е подготвена за лансирање и дека тоа би можело да се случи уште во четврток. Заменик-директорот на вселенската програма на земјата, Риу Гам Чол, ги отфрли обвинувањата дека наводното лансирање на сателит е само параван за тестирање на балистички проектил со нуклеарен потенцијал. Тој кажа и дека не постои опасност отпадоци од лансирањето да завршат во населени места.

Меѓународната заедница е обединета во критиките за планираното лансирање. Јапонскиот премиер Јошихико Нода и британскиот министер Дејвид Камерун, кој е во посета на Токио, денес изразија длабока загриженост. Тие ја повикаа Северна Кореја да се откаже од нуклеарната програма и балистичките проектили. Загриженост искажаа и Русија и Кина. Вашингтон и Сеул, пак, денес ја реафирмираа заложбата за одбрана на Јужна Кореја.

„Севернокорејското лансирање на проектил би било исклучиво провокативен потег, би ја загрозило регионалната безбедност и би било спротивно на неодамнешните потези за воздржување од секаков вид на лансирање на проектили од долг домет. Сметаме дека би ги прекршило Резолуциите 1718 и 1874, така што и натаму подвлекуваме дека не е добра идеја“, изјави портпаролката на Стјет департментот Викторија Нуланд.

Северна Кореја наведува дека ја лансира ракетата за да испрати метеоролошки сателит во орбитата. САД и Јужна Кореја, пак, сметаат дека се работи за тестирање на балистички проектил што би можел да се употреби за нуклеарни боеви глави.

This item is part of
XS
SM
MD
LG