Триото научници Артур Ашкин од САД, Дона Стрикленд од Канада и Жерар Моро од Франција ја добија Нобеловата награда за физика. Шведската кралска академија на науките соопшти дека наградата им е доделена за достигнувања во оптичката физика.
Половина од наградата оди за физичарот Ашкин, за унапредување на технологијата на оптички пинцети и нивната примена во био-медицината.
Стрикленд и Моро ќе ја поделат втората половина од наградата, а им е доделена за инвенции и развој на ултра-кратки и интензивни оптички импулси што се применуваат во корективната очна хирургија.
Канаѓанката Стрикленд, воедно е прва жена добитничка на Нобеловата награда за физика.
Вчера беше соопштена Нобеловата награда за физиологија и медицина, а ја добија Џејмс Алисон од Универзитетот во Тексас и Тасуку Хонџо од Јапонскиот универзитет во Кјото за нивните откритија во терапијата против рак.
Наградата за физика ќе биде соопштена утре, а за мир во петок. Во понеделник ќе биде соопштена наградата за економски науки. Награда за литература годинава нема да биде доделена поради сексуален скандал поврзан со Шведската академија.
Facebook Forum