Линкови за пристапност

Метрото во Њујорк - концертна сала


Метрото во Њујорк - концертна сала

Некои го користат правото на слободен израз, некои се организирани, но сите велат пеат и свират од љубов, не за пари

Подземната железница во Њујорк е една од најголемите во светот, а неделно низ неа минуваат речиси 8,5 милиони луѓе и тоа од целиот свет. Патниците освен подземната нечистотија и буката на возовите, можат да уживаат и во музика. Подземната железница во Њујорк на моменти како да се претвора во бесплатна концертна сала, нудејќи речиси секаков вид на музика, од западно-африкански мелос, до американски блуграс, тука се звуците на виетнамските жичани инструменти, а има и маријачи од Мексико.

Едноставно не знаете на што ќе наидете, зависно од денот во неделата и особено станицата. На платформата под станицата Пенсилванија, на пример, Раул Мичел, имигрант од Тринидад и Тобаго свири на тапани. Тој вели дека бил присутен на локации како овие уште од средината на `90-те години.

„Луѓето ја почитуваат музиката“, вели тој. „Се собираат наоколу и доколку им се допаѓа, аплаудираат, оставаат пари“, вели Мичел.

Пејачката и текстописец Росатереса, која честопати свои изведби има на станицата на 14-та улица, во САД се преселила од Порторико, за да студира класична музика уште пред неколку децении. „Мојата мисија е да пеам како џилгуеро, птица по потекло од Порторико, која го буди сонцето. Сакам да пеам како птица, без престан“, вели таа.

Мичел и Росатереса настапуваат независно, настрана од официјалната програма на транзитната управа „Музика под Њујорк“, која неделно спонзорира 150 изведби од преку 200 поединци и групи. Учесниците во програмата мора да се пријават на аудиција на годишно ниво.

Според одредени судски случаи, изведувачите во подземните железници го користат правото на Првиот амандман за да настапуваат и не им е потребна дозвола од транзитната управа. Сепак, одвреме навреме, полицијата ќе им каже дека мора да го напуштат местото.

„Се случува полицаец да ми каже да си одам и го правам тоа. Не се расправам со човек со оружје, тоа е моето мото“, вели Росатереса.

Оперските пејачи Том Мекниколс и Патриша Витал се дел од групата изведувачи „Опера колектив“. Тие велат дека сакаат да свират во подземните железници, иако не е исплатливо.

„Музиката воопшто не е за пари, а музиката во њујоршкото метро е дефинитивно за обезбеудвање поголемо приближување на операта до народот, а не за заработувачка“, вели Мекниколс.

Дека трендот на подземна музика опстојува, доказ е што и во време на Ајпод, секогаш зафатените њујорчани понекогаш ги вадат своите слушалки и одвојуаваат време за изведувачите. Се случува, сосема спонтано некој и да заигра.

XS
SM
MD
LG