„’Дворските игри’ кои партиите ги играат во парламентот под превез на преговори за ‘законот за отпад’ се најнов доказ дека чистиот воздух за нив е небитен кога ги загрозува профитите на големите бизниси, како тој за увоз на опасен отпад“, се вели во соопштението на иницијативата “Fridays for Future” („Петоци за Иднината“), која како дел од коалицијата и предводник на Зелената револуција, за утре во 15 часот, најави мирен собир и „окупирање на просторот пред Собранието“.
Активистите ќе бараат средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери и објаснување - зошто донесувањето на Законот за управување со отпад по скратена постапка, континуирано се одложува. Тие се децидни дека „отпад како извор на енергија е бесмислица, дека изворите на енергија мораат да бидат чисти, одржливи и обновливи, дека отстранувањето на отпадот преку согорување е апсурд, дека отпадот мора безбедно да се складира и да се рециклира, како и дека секоја држава мора да се справува со отпадот што го создава на одржлив начин, а не да го фрла кај другите!“.
„Во ноември 2019-та, од власта побаравме да донесе нов закон за увоз и третман на отпад до крајот на годината. Пратениците почнаа да се занимаваат со овој ургентен проблем дури при крајот на јануари, и продолжуваат бараат изговори за да не го исполнат барањето“, порачуваат борците за заштита на животната средина. Според нив, утрешниот протест е насочен кон пратениците и затоа „мора да се одржи додека сè уште се во Собранието“.
Коалицијата „Зелен Фронт“ во ноември минатата година најави дека неисполнувањето на барањата, меѓу кои клучно беше доносувањето на закон за отпад до крајот на 2019-та, ќе биде повод за граѓанска непослушност - заземање на улицата, преку која, „симболично ќе го демонстрира бесконечното чекање на граѓаните за здрава животна средина“.
О2 Иницијативата во своето соопштение потенцираше дека и покрај надежите, гласањето за забраната за увоз на отпад како гориво не го дочекале
„СДСМ не се согласи точката да се стави како прва на дневен ред, иако и ДОМ и ВМРО-ДПМНЕ инсистираа на тоа. ДУИ никаде ги немаше, иако нивно е Министерството за животна средина и просторно планирање - МЖСПП, Државниот иснпекторат за животна средина - ДИЖС и други поврзани министерства и инспекторати (со тие институции раководат кадри на оваа партија – н.з.) На седницата се расправаше за аерозагадувањето и заврши без гласање по заклучоци и без закажување на следен термин за оваа седница. СДСМ ќе оди на купување на време, за да не се гласа забраната за увоз на отпад додека Собранието не се распушти. Добро им оди, пленарни седници нема закажно за оваа недела, единствена закажана е нова седница на 4 февруари, имаат уште 10 дена, каде ќе направат сè за да не се изгласа оваа измена“, се вели во соопштението..
Борците за животна средина се повикуваат на официјалната страница на Базелската конвенција, но и на искуствата на соседните земји како „Хрватска, која како членка на ЕУ, забранува увоз на отпад за отстранување и како извор на енергија“, или Албанија која нема рестрикција на извоз на опасен отпад, но има комплетна забрана за увоз на опасен и неопасен отпад и забрана и на транзит на опасен отпад, односно, само неопасен или инертен отпад може да транзитира низ албанска територија.
Според активистите, „Црна Гора извезува опасен отпад зошто нема соодветни услови за отстранување, депонирање, рециклирање, реупотреба, а забранет е увозот на опасен отпад за било какви цели, како и на неопасен отпад за складирање и користење како гориво или на друг начин за производство на енергија, а Србија има забрана за увоз на отпад со цел да се употреби како гориво, извор на енергија“.
Покрај критиките за побараните од СДСМ „дополнителни консултации“ за забраната на увоз на опасен отпад, Иницијативата директно го обвини и заменик-министерот Јани Макрадули за дезинформации и во поглед на аерозагадувањето, тврдејќи дека тој „останал доследен на својот стил, со нецелосни, неточни податоци, сè со цел да ја изманипулира јавноста и собере поени за себе и својата партија“, како и дека „по којзнае кој пат презентира неточни податоци, па изјави дека што се однесувало до мерните станици, тоа што ветиле, го реализирале во декември 2019, и по многу години, за првпат работеле сите мерни станици...“
Според претставниците на невладиниот сектор „официјалните податоци покажуваат дека од постоечките мерни инструменти за аерозагадувањето, не работат 3 - за ПM10, 1 - за ПM 2.5, 3 - за озон, 5 - за азот диоксид, 3 - за јаглерод моноксид, 3 - за сулфур диоксид, вкупно – 18“.
Facebook Forum