Линкови за пристапност

Историски подвиг: Сонда на НАСА стигна до „Крајот на светот“


На само 33 минути во новата година, сондата „Њу хорајзонс“ на НАСА направи подвиг во историјата на вселенските истражувања. Таа прелета покрај најоддалечениот вселенски објект до кој некогаш пристигнало летало од Земјата.

Од лабораторијата за физика при универзитетот „Џонс Хопкинс“, каде беше дизајнирана сондата, соопштија дека е достигнат објектот познат како 2014 МУ69 или Ултима Туле (термин од античката историја што означува простор зад границите на познатото).

Сондата, којашто е со големина на детско пијано, четири часа прибирала податоци за објектот. Научниците што ја водат оваа мисија велат дека ќе бидат потребни околу две години додека пристигнат сите податоци што сондата ги снимила за Ултима Туле.

Првичните заматени фотографии покажуваат дека се работи за вселенско тело во неправилна форма, долго 35 километри и 14 километри широко.

Повеќе фотографии се очекуваат да пристигнат доцна денеска што на научниците би има дало појасна претстава за планетите во нашиот Сончев систем.

Како што велат од тимот што ја води мисијата, сондата ќе продолжи со својата мисија надвор од Сончевиот систем.

Во 2015 година „Њу хорајзонс“ прелета покрај планетата Плутон, која тогаш стана најоддалечениот објект што некогаш е достигнат со летало од Земјата. Најновата средба, пак, беше на 1,6 милијарди километри од Плутон, односно на 6,5 милијарди километри од Земјата.

Мисијата на НАСА почна во 2006 година и чини 800 милиони долари. Објектот Ултима Туле, пак, беше откриен во 2014 година преку телескопот Хабл, за време на потрага по нова патека за „Њу хорајзонс“.

XS
SM
MD
LG