Астрономите на НАСА откриле две планети големи колку Земјата на голема оддалеченост од Сончевиот систем.
Планетите Кеплер 20е и Кеплер 20ф биле откриени со телескопот Кеплер што се наоѓа во орбитата на Земјата. Тие се со карпеста површина, исто како и на нашата планета. Заедно со уште други три планети кружат околу ѕвездата во тој систем, Кеплер 20, слична на Сонцето. Па сепак, тие се толку близу до неа што превисоките температури, проценети на 760 и 425 степени целзиусови, прават да биде невозможно на нив да постои живот како на Земјата.
Пречникот на една од планетите е само 3% поголем од Земјата, додека другиот е 13% помал. Ѕвездата Кеплер 20 се наоѓа на околу илјада светлосни години од Земјата.