Линкови за пристапност

Мормоните во САД


Мормоните во САД
Мормоните во САД

Оваа верска група вели дека не е доволно сфатена и покрај кандидатурата на Мит Ромни

Време е за приказна во домот на семејството Кук. Двегодишниот Тристан бара татко му Дејв, штотуку вратен од работа, да му чита книга по книга, пред спиење.

Дејв и неговата сопруга Аманда имаат две мали деца. Изгледаат како едно типично американско семејство. Но, тие припаѓаат на една од најмалку разбраните вери во Америка – Мормонската црква.

„Некои знаат многу, некои не знаат ништо за црквата, вели Дејв Кук. За мормоните има погрешна претстава“, вели тој.

На оваа група отпаѓаат нешто помалку од два проценти од американската популација што брои околу шест милиони луѓе. Други осум милиони мормони живеат надвор од САД.

Воочи претседателските избори во САД, прашањето се актуелизира главно заради фактот што еден од републиканските претседателски кандидати Мит Ромни во моментов е фаворит за добивање на номинација од партијата. Многу членови на Мормонската црква се возбудени заради шансите претседател на САД да биде припадник на нивната вероисповед. Тие воедно се свесни и за вниманието што нивната вера го добива од медиумите заради популарното шоу на Бродвеј, „Книга за мормоните.“

Според нова студија на Форумот Пју за верски и јавен живот, мормоните во целост се задоволни со стилот на живот. „Ова е група која од повеќе аспекти, цвета“, вели стручњакот Грег Смит. „Ова е група која на многу начини забележува се` поголемо ниво на прифатеност од Американците од друга вероисповед“, вели тој, но додава дека многу нивни припадници исто така велат дека се дискриминирани, а две-третини велат дека не се прифатени и не се гледаат себеси како дел од главното американско општество“, смета Смит.

Мормонската црква била основана во Америка во 19-от век. Но мормонскиот пророк Џозеф Смит бил убиен во 1844-та година, а неговите следбеници прогонувани.

Минатата година тексашкиот свештеник Роберт Џефрес беше забележан со изјавата дека Мит Ромни не е христијанин и дека мормонизмот е култ. Според Пју, последниов коментар е резултат на ставот на една третина Американци, главно евангелистички протестанти.

Дејв Кук додава дека не може да разбере зошто некои луѓе се однесуваат без почит спрема други и тој смета дека претседател мормон би бил добар за Америка.

„Ние сме големи патриоти, дури веруваме дека креаторите на САД биле инспирирани од Господ да ја основаат оваа земја.

Според студијата на Пју, три четвртини од мормоните кои се регистрирани гласачи, се наклонети кон Републиканската партија и имаат конзервативни ставови по одредени социјални прашања. Речиси двојно повеќе мормони споредено со други Американци претпочитаат семејство во кое сопругот е главниот финансиски носител, а сопругата е таа која се грижи за домот и децата.

XS
SM
MD
LG