Политиката од Белата куќа кон Македонија и поддршката за влез во НАТО и ЕУ е константна, смета Лук Кофи, директор на Центарот за надворешна политика во фондацијата Херитиџ во Вашингтон, во интервју за Гласот на Америка на македонски.
„Не е важно кој е во Белата куќа и кој е на чело на македонската влада во Скопје. Важно е што потпретседателот Пенс разговараше телефонски со премиерот Заев за унапредување на односите“, изјави Кофи.
САД продолжуваат со поддршката на Македонија на патот кон целосно евроатланско интегрирање, оцени Кофи и посетата на потпретседателот Пенс во Црна Гора е чекор во тој правец:
„Ова е знак дека актуелната администрација во Вашингтон сериозно ги надгледува случувањата на Балканот, затоа што има многу незавршени процеси, од аспект на евроатланска интеграција“, изјави аналитичарот од Херитиџ.
За очекувањата за конечно решение за името, со оглед дека медијаторот Метју Нимиц беше во Скопје по подолг период, но и се сретна со грчки официјални лица во Балканот, Кофи вели овој предизвик предолго ја кочи - само Македонија.
„Се надевам дека ако потпретседателот Пенс пренесе порака во вистинска насока за време на посетата во Подгорица, и притисокот се насочи малку кон Грција, ќе има решение“, изјави Кофи.
Поранешниот командант на НАТО, генералот Џејмс Ставридис за српската редакција на Гласот на Америка, смета дека Македонија е следна држава која ќе се приклучи кон НАТО.
„Ја спомнавте Македонија, се надевам дека Грција ќе биде во можност да работи со Македонија во решавање на спорот со името, со што ќе се отвори врата и за Македонија да влезе во НАТО“, изјави Ставридис.
Учеството на потпретседателот на САД, Мајк Пенс, на состанокот на Јадранската повелба на 2-ри август во Подгорица, а со кој претседава Македонија, е потврда за посветеноста на Вашингтон, потенцираше неодамна и амбасадорот на САД во Скопје Џес Бејли.
„Посетата на потпретседателот Пенс е пред се со цел да зборува со партнерите и сојузниците од регионот за посветеноста на САД на овој регион. Мислам дека ќе слушнеме пораки на таа тема“, изјави амбасадорот Бејли.
Аналитичарите сметаат дека Јадранската Повелба функционира како важен форум, кој работи на членството во НАТО, но и како форум за регионална безбедност.
Македонија, заедно со Албанија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина е членка на Јадранската повелба (Адриатик Чартер), а Србија, Косово и Словенија имаат статус на земји - набљудувачи во групата. Групата Јадранска повелба е формирана под покровителство на САД во 2003-та, и има за цел да ги координира активностите за поддршка на земјите-аспиранти за членство во НАТО.
Facebook Forum