Линкови за пристапност

Мигрантите стигнаа до границата на САД


Неколку стотици мигранти од Централна Америка пристигнаа во Тихуана, пограничниот мексикански град што се наоѓа веднаш до територијата на САД. Тие поминаа еден месец на пат, со надеж дека ќе влезат во Соединетите Американски Држави.

Во Тихуана се наоѓаат околу 800 мигранти и повеќето од нив велат дека ќе почекаат да пристигне остатокот од караванот, за да добијат совети од водичите за постапката за барање азил. Дел од тие што пристигнале први, прославувале и покрај оградата што ги дели Мексико и САД.

Главнината од групата, којашто брои околу 4.000 луѓе претежно од Хондурас, сè уште патува низ мексиканската држава Сонора. Во следните неколку дена се очекува и тие да пристигнат во Тихуана.

Преминот Сан Исидро, преку кој се влегува во Сан Диего, во САД, е еден од најпрометните на границата. Но, капацитетот на преминот е да процесира само по 100 барања за азил дневно. Тоа значи дека пред мигрантите е долг период на чекање.

Постојат стравувања и за безбедноста на мигрантите во Тихуана, каде засолништата веќе се при крај со капацитетите.

Од страна на американскиот оддел за Царинска и погранична заштита беше соопштено дека дел од сообраќајните ленти на преминот Сан Исидро ќе бидат затворени, а со цел да се направат соодветни безбедносни подготовки за спречување на потенцијалните ризици и опасности што би се создале со доближувањето на караванот. Дел од тие мерки подразбираат зајакнати барикади, огради, ѕидови, како и бодликава жица.

Претседателот на САД во многу наврати упати остри критики за караванот. Во саботата тој потпиша и декларација со која се оневозможува право на барање азил за имигрантите што ќе влезат нелегано во земјата. Декларацијата е спротивна на законските одредби, со кои секој има право да побара азил, без оглед на начинот на кој влегол во земјата.

Трамп исто така издаде наредба за илјадници воени трупи да се распоредат на границата меѓу САД и Мексико и да бидат поддршка на пограничните патроли.

Секретарот за одбрана Џим Матис и секретарката за домашна безбедност Кирстен Нилсен во средата ја посетија источната страна на границата, во Мексико.

Матис, во изјава за медиумите истакна дека „безбедноста на границата“ е дел од нашата национална безбедност.

„Наша морална и етичка мисија е да им дадеме поддршка на луѓето од граничните патроли. Функцијата на единиците е да им помогнат на патролите да ги спроведуваат законските операции на границата“, рече секретарот за одбрана.

Кон границата со Мексико се упатија повеќе од 5.600 припадници од активниот состав на американската армија, како и дополнителни 2.100 лица од националната гарда.

Воените трупи ќе бидат ангажирани претежно како логистика и поддршка од земја и воздух. Сепак, нема да смеат да спроведуваат законски мерки, како што се апсења за нелегални преминувања на границата.

XS
SM
MD
LG