Линкови за пристапност

По менингитот, епидемија од тужби


Бројот на починати нарасна на 21, а на заболени на 271.

Бројот на починати од ретка форма на менингит во САД нараснал на 21, а вкупно 271 лице заболело, според информациите од Центарот за контрола и превенција на болести. Најголем број на случаи на габичниот менингит се во четири сојузни држави: Тенеси, Мичиген, Вирџинија и Индијана.

Како што се шири болеста, се` повеќе погодени од неа и нивните семејства поднесуваат тужби. Некои од нив се дел од случајот што неделава го покрена федералниот обвинител Питер Мекграт против Фармацевтскиот центар Нова Англија од сојузната држава Масачусетс, која се поврзува со епидемијата, како и против нејзините раководни лица.

Федералните здравствени лица веќе потврдија дека стероидните инјекции што ги подготвувал Центарот биле заразени со габи што ја предизвикале епидемијата. Центарот во меѓувреме беше затворен, а инјекциите повлечени.

Властите веруваат дека до 14.000 лица од 23 сојузни држави ја примиле заразената инкеција што најчесто се дава за болки во грбот и зглобовите.

Томас Хафемајстер, професор кој на Катедрата по право на Универзитетот на Вирџинија предава за лекарската негрижа и квалитетот на здравствената заштита, за Гласот на Америка коментираше дека иако ваквите видови на судски случаи се релативно ретки, правната постапка против Центарот би можела да има влијание на другите фармацевтски компании.

„Последиците по оваа компанија ќе испратат предупредувачки сигнал до многу слични производители ширум земјата, па и светот, така што тоа сигурно ќе има влијание врз нивното однесување во иднина“, вели Хафемајстер.

Претходно месецов, истражните органи соопштија дека Центарот можеби ги прекршил законите на Масачустес со тоа што произвел големи количини на инјекцијата и ги продавал надвор од сојузната држава. Според законот, фармацевтските компании како Центарот можат да произведат само ограничени дози, и тоа по одредена нарачка на лекарска рецепта.
XS
SM
MD
LG