Линкови за пристапност

ОБСЕ: Алармантно опаѓање на слободата на медиумите


ОБСЕ: Алармантно опаѓање на слободата на медиумите
ОБСЕ: Алармантно опаѓање на слободата на медиумите

Од ОБСЕ велат дека ова е индикација за високополитизираната состојба во државата

Претставникот за медиуми од канцеларијата на ОБСЕ на македонските власти им нуди помош за запирање на трендот на намалување на слободата на медиумите и исполнување на меѓународните стандарди.

„За жал, ова е веќе четврти пат во последните два месеца како покренувам разни прашања поврзани со тековното опаѓање на слободата на медиумите. И покрај повторените повици до Владата да ја промени ситуацијата и да покаже респект за заложбите за слобода на медиумите на ОБСЕ, се чини дека ситуацијата се влошува” изјави претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, по повод последното предупредување до македонските власти за „алармантното опаѓање на слободата на медиумите во Македонија“.

Во писмото до министерот за надворешни работи Никола Поповски, Мијатовиќ предупредува на драстичниот пад на слободата на медиумите и на продолжената репресија врз медиумите и врз оние кои изнесуваат критички ставови во Македонија. Според неа, случајот со претседателката на независниот Синдикат на новинарите, Тамара Чаусидис, која во вторникот беше отпуштена од телевизијата Алсат-М, по притисоците да ги намали активностите во синдикатот, можеби и има услови „да се прикаже како чиста деловна одлука“ на работодавачот. Но Мијатовиќ потенцира дека и овој случај е „индикација за високополитизираната природа на состојбите во медиумите и за стравот од критичките гласови”.

Претставничката на ОБСЕ го посочува и примерот со јавниот сервис МРТВ, чиј Совет по последната седница ја извести јавноста дека го прекинува мандатот на седуммина членови на Управниот одбор на куќата, иако процесот на именување на нови членови не е започнат. „Од суштинскo значење е кога Советот одлучува за измените во управувачкиот одбор на МРТ да го толкува законот во најдобар интерес во насока на одржување на еден политички и уредувачки независен јавен сервис,” смета Мијатовиќ. Според неа, последните случувања се само дел од вознемирувачките настани кои ја погодуваат слободата на медиумите во Македонија, како контроверзната одлука на Агенцијата за електронски комуникации да ја одземе лиценцата на ТВ А1, за која беше прогласен банкрот и која беше доведена во ситуација да мора да престане со емитување програма на 30 јули. Мијатовиќ го посочува и престанувањето на печатењето на трите весници на Велија Рамковски, но ги проблематизира и измените на Законот за радиодифузна дејност, со кои се зголеми бројот на Советот за радиодифузија од 9 на 15, со што, преку новите шест члена кои ќе бидат номинирани од тела под контрола на парламентарното мнозинство, ќе се загуби политичката независност на овој регулаторен орган. „Овие амандмани се спротивни на целта на законот, која се состои во обезбедување на политичката независност на регулаторната власт,” напиша Мијатовиќ во едно од писмата упатено до македонските власти, на 19-ти јули.

XS
SM
MD
LG