Линкови за пристапност

Се продлабочува мистеријата со исчезнатиот малезиски авион


Дамките гориво близу брегот на Виетнам не се од Боингот 777

Мистеријата со исчезнатиот малезиски патнички авион се продлабочува - денес истрагата утврди дека дамките гориво забележани во близина на брегот на Виетнам немаат врска со леталото. Властите во Куала Лумпур соопштија дека лабораториската анализа покажала дека горивото е од вид што го користат бродови.

Малезиските власти наведуваат дека се` уште нема никаква трага од авионот Боинг 777 во кој имало 239 лица, речиси три дена откако исчезна среде лет. Еден член на истрагата соопшти дека засега не е пронајден ниту еден дел од авионот, и покрај медиумските извештаи дека парче од леталото било лоцирано во водите јужно од Виетнам.

Авионот на Малезија ерлајнс исчезна од радарот саботата наутро, околу еден час откако полета од Куала Лумпур за Пекинг. Властите се` уште не знаат што се случило и немаат исклучено ниту една причина, па дури ни грабнување или уривање. Околу две третини од патниците се од Кина, а останатите од други азиски земји, Европа и Северна Америка.

Истражни лица од осум земји, меѓу нив и САД, трагаат по исчезнатиот авион и истовремено се обидуваат да дознаат како се случило двајца патници да влезат во него со украдени пасоши од државјани на Италија и Австрија.
XS
SM
MD
LG