Линкови за пристапност

Филе: Ако нема решение за името, Македонија ризикува да заостане


Филе: Ако нема решение за името, Македонија ризикува да заостане
Филе: Ако нема решение за името, Македонија ризикува да заостане

Комесарот за проширување Штефан Филе во Скопје рече дека ЕУ нема да да го увезе спорот за името

Штефан Филе, комесар за проширување на Европската комисија денеска е во Скопје како гостин на Конференцијата посветена на десетгодишнината од потпишувањето на Рамковиот договор. Престојот тој го искористи и за разговори со премирот Груевски и вицепремирката за европски интеграции Арифи, за состојбите на европската реформска агенда на Македонија.

На Конференцијата, но и за време на разговорите со Груевски, Филе ја повтори пораката за потребата Македонија што поскоро да дојде до компромисно решение за името со Грција и со тоа да го отвори патот за преговори за членство. Комесарот Филе во овој контекст изрази оптимизам дека е можно наскоро да се дојде до заеднички прифатливо решение меѓу Македонија и Грција.

„Дозволете ми да бидам оптимист и да се надевам дека спорот околу името со Грција може да се реши“, изјави Филе по средбата со Груевски. Оптимизмот тој го темели, како што појасни, на довербата меѓу премиерите Груевски и Папандреу и нивната посветеност за решавање на овој сложен проблем. Комесарот Филе не пропушти да укаже и на ризиците кои постојат доколку решавањето на проблемот се одолговлечува.

Има важна динамика во регионот токму сега. Хрватска финишира со процесот за влез во ЕУ, другите земји прават чекори напред. Вашата земја заслужува да биде дел од таа позитивна слика. Како и да е, ЕУ нема да да го увезе спорот за името. Ако нема решение, земјата ризикува да заостане“, изјави еврокомесарот Штефан Филе. Во врска со ова прашање премиерот Груесвки од своја страна изјави дека Македoнија е посветена на изнаоѓање на решение за проблемот со Грција.

Прашањето за името е прашање на кое македонската влада останува да биде високо фокусирана. Со цел изнаоѓање на взаемно прифатливо решение кое нема да наштети на националната, јазичната и културната самоидентификација, ниту на македонскиот народ, ниту на грчкиот народ, изјави премиерот Груевски по разговорот со Штефан Филе.

Филе и Груевски разговарале и за реформските процеси во Македонија кои треба да и` обезбедат Европската комисија да ја реафирмира препораката за почеток на преговри за членство во новиот Извештај кој годинава ќе биде објавен во октомври. Филе потсети дека Македонија треба да преземе мерки со кои ќе се корегираат негативните трендови во неколку области, како судство, администрација и медиуми и порача тие негативности да се корегираат.



XS
SM
MD
LG