Линкови за пристапност

Ракометарите на Македонија без пораз, следен меч со шампионот Германија


Macedonian supporters Handball Champinship Zagreb Croatia
Macedonian supporters Handball Champinship Zagreb Croatia

Избраниците на селекторот „Ел Команданте“ се во елитното друштво на репрезентации кои засега немаат пораз на европското првенство

Македонските навивачи се хит на првенството. Го освоија Загреб, а бастиони им се кафулињата во центарот на градот каде жедта за победа се гаси со многу пиво.

Потешко од очекуваното, барем за навивачите, македонските ракометари ја совладаа селекцијата на Црна Гора и го заверија натпреварувањето во втората фаза на европското првенство во ракомет, кое се одржува во Хрватска. Македонија останува непоразена на првенството и во друштвото со Франција, Хрватска и Шпанија кои исто така имаат по две победи во првите две кола.

Во овој цврст и тежок натпревар пресудна беше дел од резервата од клупата, која селекторот Раул Гонзалез ја внесе во игра. Филип Кузмановски со пет гола, повеќето во клучните моменти кога се кршеше отпорот на Црна Гора и се анулираше предноста, му ја донесе наградата за играч на натпреварот.

Улогата на Кузмановски ја истакна и неговиот колега од репрезентацијата Дејан Манасков, кој вчера постигна четири гола.

„Не отворивме како што требаше, правевме некои испади во одбраната какви што не требаше да правиме. Во вториот дел одбраната беше многу подобра, имавме повеќе интервенции и едноставно Филип Кузмановски не` понесе со неговата игра, денеска тој одигра фантастично и мислам дека тој е еден од најзаслужните што денеска победивме“, рече Манасков.

Селекторот Гонзалез или „Ел Команданте“ како што го викаат навивачите и јавноста, не го крие задоволството од досегашниот успех.

„Многу сум задоволен и среќен. По два меча, имаме две победи и четири бода. Денеска почнавме добро, па имавме проблеми, но одигравме подобро во второто полувреме. Игравме и одбрана и напад. Сите бевме супер, имавме трпение. Јас сум пресреќен и презадоволен“, изјави Гонзалез на официјалната прес-конференција по мечот.

Репрезентативците велат дека улогата на фаворит била причина малку да се опуштат во натпреварот, исто како и грчот од императивот на победата. Доколку Македонија не ја победеше Црна Гора, европското првенство завршуваше уште во првата фаза и покрај победата во првото коло против репрезентацијата на Словенија, освојувач на брозен медал од последното светско првенство.

Пред утрешниот натпревар со Германија, „Ел Команданте“ ќе одржи попладневен тренинг, а составот засега останува непроменет. Плејмејкерот Филип Миркуловски, еден од клучните играчи во репрезентацијата, има повреда на ногата уште од мечот со Словенија, а состојбата се влоши по натпреварот со Црна Гора. Неговиот настап се` уште виси и ќе зависи од лекарскиот тим на репрезентацијата.

Од друга страна, пак, селекторот на европскиот шампион Германија, Кристијан Прокоп, направи измена во составот и наместо пикер вклучи бек, па може да се очекува далеку побрза игра.

На мечот со Црна Гора над 2.000 грла ечеа во загребската Арена, давајќи поддршка на ракометарите и за разлика од нив, извојуваа лесна победа над малубројните црногорски навивачи. Навивачи има од сите градови во Македонија, но и од Германија, Австрија, Швајцарија и Словенија. Арената и кафулињата во центарот на Загреб се под константна „опсада“ од македонските навивачи.

Тие се убедени дека избраниците на Гонзалез утре ќе го совладаат и европскиот шампион.

„Зошто да не? Три од три! Имаме тим, имаме селектор, имаме се` што ни е потребно. Нашата поддршка ќе ги понесе да го оставарат најголемото изненадување досега на првенството“ вели Драган Димовски од Скопје.

„Очекував тврд натпревар со Црна Гора бидејќи играме случен ракомет. Не сакам да прогнозирам за утрешниот меч, но сакам да победиме. Убеден сум дека во Вараждин ќе победиме уште еден натпревар и ќе играме барем за петтото место“, рече велешанецот Кире Секуловски.

Македонските навивачи, т.н. „фаланга“ се најбројни во Загреб и се омилени меѓу загрепчани поради менталитетот, искреното пријателство и желба за забава, но и жедните грла кои се гаснат со многу пиво.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG