Здравствените власти засега не сакаат да се изјаснат за нивните проценки дали е реално во јуни или на почетокот на јули да се одржат парламентарните избори.
„Внимателни сме во однос на изборите, ќе ги гледаме податоците и ќе видиме што ќе препорачаме“ вели Венко Филипче, Министер за здравство.
Разјаснување на ситуацијата и одговор на прашањето – кога избори, техничкиот премиер очекува од лидерската средба закажана за вторник. Според Спасовски, решението треба да ги има предвид и препораките на здравствените експерти, но и реалната состојба дека државата не може со месеци да функционира без собрание кое е распуштено уште од февруари,
„Сметам дека ќе има доволно одговорност меѓу лидерите на политичките партии кои ќе учествуваат на таа средба. Ќе разговараме и јас посакувам да донесеме најдобро можно решение за иднината на оваа држава и за иднината на граѓаните.“, оцени Оливер Спасовски, технички премиер.
Опозицијата и денеска повтори дека сака повеќе време од моментот на укинување на вонредната состојба до денот на избори.
„За одржување на избори најдобро е да се чекаат препораките на Венецијанската комисија која вика дека требаат 60 дена за организирање на избори по прекин на вонредната состојба.“, истакна Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Додека ВМРО-ДПМНЕ би се согласило со избори во првата половина на јуни, СДСМ, како што најави партискиот лидер, е за избори во средината на јуни.
Facebook Forum