Водачот на привремената влада на Либија вели дека единствениот начин земјата да успее е меѓународната заедница да го одмрзне либиски имот од времето на режимот на Моамар Гадафи.
Лидерот на Транзициониот национален совет Махмуд Џабрил изјави дека на опозицијата и` се потребни парите за да може да обезбеди плати за граѓанските службеници и да ја оддржи работата на надлежните органи.
Џабрил ова го изјави во Истамбул, каде ден претходно учествуваше на дипломатска средба фокусирана на кризата во Либија. Турција беше последната станица од неговата европска турнеја неделава.
Во четвртокот САД соопштија дека наскоро ќе ослободи имот на Либија во вредност од 1,5 милијарди долари, што Транзициониот национален совет би ги употребил за хуманитарни цели.
Советот за безбедност на ОН го одобри ослободувањето на имотот, откако САД и Јужна Африка постигнале договор за намената на средствата. Претходно Јужна Африка негодуваше за давање ваква согласност стравувајќи дека фондовите би дошле во погрешни раце.