Линкови за пристапност

Законот за јазици во „Службен весник“ со еден потпис, жестоки обвинувања власт - опозиција


Опозицијата најави кривични пријави, иницијатива до Уставниот суд и повика на бојкот на законот. Претседателот смета дека објавувањето на законот без негов потпис е основ за кривичен прогон. За Владата, спорно е единствено одбивањето на Иванов да го потпише законот.

По десет месеци од неговото гласање, Законот за јазици стигна во „Службен весник“, но само со потпис на претседателот на Собранието Талат Џафери. На местото каде што според Уставот и законите, треба да стои потписот на претседателот Иванов има фуснота која гласи дека тој одбил да го стори тоа. Владеачките партии со меѓусебни честитки, а опозицијата со реакции и обвинувања.

Експертската јавност со став дека од самиот почеток се искривуваа и заобиколуваа процедурите и дека во овој случај не е постапено согласно Уставот.

„Законот за јазици криво почна од донесувањето и криво излезе до крај. Се изгласа и донесе во постапка што не беше во согласнот со Уставот. Мораше а немаше втора расправа откако претседателот Иванов одби да го потпише. Се отиде директно на гласање. Закон без потпис на претседателот не ги исполнува предвидените формални елементи“, вели Трендафил Ивановски, поранешен претседател на Уставниот суд.

Негов став е дека овој закон е донесен со мнозинство кој не го исполнува уставниот критериум но и дека и спикерот Џафери и претседателот Иванов го прекршиле Уставот во овој случај.

„ Со измените и дополнувањата на Уставот од 2001 година, категорично се предвидува законите кои се однесуваат на етничките заедници, нивните права и должности задолжително да се гласаат со двотретинско и бандитерово мнозинство“, смета Ивановски.

Тој е дециден дека доколку има двотретинско мнозинство за овој закон, треба повторно да се гласа и доколку помине нема да му остави никаква можност на претседателот Иванов да го држи указот во фиока.

„ На тој начин, ако Иванов остане на ставот да не потпише ќе можеше да се бара импичмент од него“, вели Ивановски.

За претседателот Ѓорге Иванов, потегот на Џафери е основ за негова кривична одговорност.

„Објавувањето на Законот за употреба на јазиците и на Законот за ратификација на спогодбата од Преспа во Службен весник без потпис на указ од Претседателот на Република Македонија се противуставни. Со доставувањето на овие два закона во Службен весник е прекршен член 75 од Уставот на Република Македонија, додека објавувањето на законите е направено незаконски и претставува основа за кривично гонење. Ова е момент кој ќе покаже дали во Република Македонија постои Уставен суд, дали функционира обвинителството, дали има независно судство и дали постои владеење на правото“, стои во писмената реакција од Кабинетот на претседателот..

Спикерот Џафери вели дека не чуствува никаква одговорност и дека не ги прекршил законите.

„Јас не чувстувам никаква одговорност за тоа што сум презел како претседател на Собранието. Јас му дадов доволно време за двата указа, за првиот за законот за јазици имаше една година, а за другиот шест месеци. Јас го презедов тоа што е во мојата институционална надлежност и не сметам дека сум прекршил нешто“ , рече Џафери додавајќи дека не ја исклучува можноста пратениците да побараат импичмент за Иванов.

Опозициската ВМРО - ДПМНЕ пак најави кривични пријави против Џафери и директорот на „Службен Весник“ , Мартин Костовски, но и иницијатива до Уставниот суд за преиспитување на уставноста на Законот.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против Талат Џафери и директорот на службен весник, но и против сите за кои ќе биде утврдена одговорност дека го прекршиле законот, за објавување на законот за двојазичност без потпис на претседателот на државата. Дополнително ќе поднесеме иницијатива за испитување на уставноста на законот за двојазичност до Уставниот суд“, изјави Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО - ДПМНЕ.

Од партијата ги повикаа сите институции да го бојкотираат и игнорираат овој закон и понудија бесплатна правна помош доколку бидат повикани на одговорност.

Од Владата пак со контра-обвинувања до претседателот Иванов и уверувања дека постапка е согласно законите и Уставот.

„Иванов беше должен да го потпише указот за прогласување на двата закони, а кога тој одлучува да го крши Уставот, неопходно е да се преземат мерки кои се во согласност со Уставот за да продолжи да функционира парламентарната демократија“, соопштија од Владата.

Законот за јазици предвидува формирање на Агенција и инспекторат за спроведување. Нејасно е колку службеници лица ќе се вработат во Агенцијата и Инспекторатот и под чија надлежност ќе бидат овие две тела. Познато е само дека во Агенцијата ќе треба да работат овластени судски преведувачи, лингвисти и дипломирани филолози по албански јазик, како и лиценцирани лектори а финансиите ќе се обезбедуваат од државниот буџет. Инспекторатот пак е задолжен за надзор врз спроведувањето на законот и изрекување на казни.

Законот за јазици беше донесен на 11 јануари минатата година, но претседателот Ѓорге Иванов не го потпиша и тој не стапи на сила. Законот повторно беше вратен во собраниска процедура, но без второ читање кое е предвидено во деловникот и беше изгласан на 14 март минатата година со 64 гласа „за“ во крајно тензична атмосфера.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG