Поранешниот американски амбасадор во НАТО и извршен директор на Институтот Мекејн Курт Волкер за Гласот на Америка коментира дека бенефициите се далекосежни од членството во НАТО.
„Најпрво, Македонија ја зајакнува државноста. Членството ги штити границите во рамките на НАТО. Македонија повеќе не треба да стравува за безбедноста, зашто станува дел од заедничкиот одбранбен сојуз. Дополнително, членството значи охрабрување за странските инвеститори, зашто се отстрануваат ризиците за конфликт“, коментира Волкер.
Процесот за членство е долг, објаснува поранешниот амбасадор. Сите земји треба да го ратификуваат протоколот за членство. Во САД, треба да се одржат распити во Сенатот и да се гласа со дво-третинско мнозинство. Во кој временски интервал би се ратификувал протоколот во Сенатот?
„Најверојатно, до крајот на годината. Бев инволвиран во претходни процеси на ратификации, и тие сега се скусени. Полска, Чешка и Унгарија беа поканети да станат членки во 1997-ма, а беа примени 1999-та. Во 2002-ра, имаше нови покани, а земјите станаа членки 2004-та. За Хрватска и Албанија, процесот беше покус, и очекувам тоа да биде случај и со Македонија“, вели извршниот директор на Институтот Мекејн
За пораката од НАТО до останатите во регионот, Курт Волкер, вели:
„Ако се погледне ситуацијата од 1990-те, имаше војна во Босна, во Косово, подем на српскиот национализам и режимот на Милошевиќ, ниту една земја во регионот не беше членка на НАТО. Денес, има силен процес на демократизација и стабилизација на Балканот. Хрватска и Албанија се членки на НАТО, Македонија е на пат, и полека се затвараат отворените предизвици“, заклучува Волкер.
Амбасадорот Волкер изрази надеж дека актуелните преговори меѓу Србија и Косово ќе резултираат со напредок во отстранување на напнатоста, но и проблемите во Босна и Херцеговина ќе станат изолирани, и решливи. (јб)
Facebook Forum