Долгогодишната професорка по славистика и лингвистика од Универзитетот во Тоорнто и надворешна членка на МАНУ Кристина Крамер смета дека македонскиот јазик има иднина и како секој друг.
„Луѓето треба да го учат, да го ценат, да пишуваат на македонски, треба да му се овозможи да живее и на Интернет“, вели Крамер.
Таа смета дека најголемо богатство на јазикот е што неговите дијалекти се` уште се живи, паралелно со современиот, стандардизиран македонски.
На универзитетот во Торонто многу Канаѓани со македонско потекло, но и странци го изучуваат македонскиот, раскажува Крамер.
Професорката наведува дека не е политичар, туку лингвист, но сепак, не може да ја сфати суштината на спорот околу името.
„Македонија е Македонија. Македонскиот јазик е македонски јазик. Македонскиот народ е македонскиот народ. Не ми е јасно во што е прашањето. Зошто една држава може да вели дека од ден-денес, оваа држава, овој народ, овој јазик треба да најде друго име. Веќе има име и името е Македонија“, вели Крамер.
По иста аналогија, Крамер не гледа причина да се преименува македонскиот јазик:
„Дали би сменило нешто? Можеби, не. (На пример, н.з.), ако од утре се викам Наташа, затоа што јас знам дека сум Кристина. Но, ова е глупост. Зошто да има северномакедонски јазик кога нема ниту еден човек на светот кој зборува на друг македонски јазик? Кога веќе македонскиот е вклучен во енциклопедии како македонски јазик; кога веќе има книги по библиотеки по целиот свет под името македонски јазик. Зошто да се најде некое решение, кога во Грција не разбираат дека историјата се менува, дека имињата се менуваат? Не ми е јасно зошто треба да најдеме друго име, кога веќе имаме имаме кое е познато во целиот свет, освен во Грција и во Бугарија“.
Крамер го изучувала македонскиот и докторирала славистика на Универзитетот во Северна Каролина, под менторство на славистот Виктор Фридман. Во моментов работи на трето издание на учебник по македонски за странци.