Брет Кавана, номинираниот судија за Врховниот суд и Кристин Блази Форд, жената што го обвини за сексуално насилство кога биле тинејџери, ќе сведочат денеска пред Сенатската комисија за правосудство. Сослушувањето на двајцата ќе се одвива одделно.
Блази Форд треба да го објасни настанот што се случил на забава во времето кога двајцата уште биле во средно училиште. Вчера таа ги изнесе деталите за настанот, а во кои се наведува дека инцидентот се случил во летото 1982 година. Според нејзините тврдења, Кавана, што бил под видливо дејство на алкохол, и неговиот пријател, Марк Џаџ, ја заклучиле во соба и ја нападнале.
Во изјавата дадена пред сведочењето, Блази Форд вели дека била уплашена и се срамела да каже за настанот. Дури години подоцна за нападот му кажала на својот сопруг.
Кавана исто така го достави текстот од својата воведна изјава. Тој категорично негира каков било напад врз Блази Форд. Воедно тој ги отфрла обвинувањата и од други жени, што се појавија деновиве, нарекувајќи ги последни обиди за нарушување на неговата репутација. Кавана истакнува дека овој вид на обвинувања, доколку бидат прифатени, ќе ги обесхрабри во иднина добрите и квалитетни луѓе од сите политички страни, да ѝ служат на нацијата.
Номинираниот судија вели дека тоа нема да го натера да се повлече од процесот за избор во судот.
До сега вкупно пет жени го обвинија Кавана за сексуално насилство. Едната од нив е Дебора Рамирез, за која објави магазинот „Њујоркер“. Според магазинот, двајца сенатори вршат истрага за тврдењето на Рамирез, која вели дека наводно Кавана се соблекол пред неа на студентска забава на Универзитетот Јеил, за време на академската 1983-1984 година.
Facebook Forum