Линкови за пристапност

САД: Жените и натаму помалку платени од мажите


Статистиката од Бирото за попис покажува дека во сите сектори постои голема разлика во примањата, при што жените во просек се за 30 отсто помалку платени од мажите

Без оглед дали се на директорски позиции или на регуларни работни места, жените, во просек, и натаму помалку заработуваат од нивните колеги мажи. Разликата постои во сите сектори, па и во случаи кога се работи за сосема идентични работни позиции.

Ова го покажуваат повеќе извештаи поврзани со половата распределба на работните места.

Според Линда Лафлин од Американското биро за попис, во 2016 година жените во просек заработувале по 40.675 долари годишно, што е многу помалку од просекот за мажите, што изнесувал 50.741 долари годишно.

Од Бирото увиделе дека половата нерамноправност е поголема во сектори каде доминираат мажите, како што се главните позиции во компаниите. Така, ако една просечна плата за директор-маж е 141.000 долари годишно, жена на истата позиција добива годишни просечни примања од 104.000 долари. Тоа значи дека платата на жените е за околу 30 отсто пониска од примањата што ги добиваат мажите.

Освен во водечките позиции, големи разлики се јавуваат и во професии што вклучуваат финансии и продажба. Така, на пример, еден маж што работи како финансиски советник годишно може да заработува околу 102.000 долари. Негова колешка, пак, што има исти работни задачи и одговорности, во текот на истата година ќе биде платена околу 69.000 долари.

Според прикажаните статистики од Бирото, на секој долар што ќе го заработи еден маж, жената добива 70 центи.

Оваа разлика во годишните примања е најмала во областа на здравството. Така жени што работат како медицински сестри, хирурзи, анестезиолози, психолози, стоматолози, заработуваат по 97 центи на секој долар што го добиваат нивните колеги мажи.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG