Линкови за пристапност

Реакции: Иванов не ги препознава европските вредности


„Ако некој граѓанин има право да зборува на својот мајчин јазик, со тоа добиваат сите граѓани, а добива и Република Македонија“, се вели во денешното соопштение на Владата

„Владата на Република Македонија изразува жалење за одлуката на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, да не го потпише указот за Законот за употреба на јазиците“, се вели во соопштението – реакција на Владата по повод одлуката на Иванов, а во кое се потенцира и дека опозицијата самата донела одлука да не учествува во политичкиот процес и во минатонеделното изгласување на законот.

Во соопштението на Владата се потенцира дека „сите одредби во законското решение за употребата на јазиците се во согласност со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија“, дека со законот се унапредува употребата на јазиците на сите заедници во Република Македонија, односно, дека со него се овозможува сите граѓани полесно и поефикасно да ги остварат своите уставни права, како и дека мотивот за донесување на законот е „грижата за сите граѓани во Република Македонија, во која градиме општество еднакво за сите. Тое е концепт во кој оваа Влада силно верува силно и кој ќе продолжиме и понатаму да го унапредуваме“.

Во соопштението се истакнува и дека Владата се определила за политики што ја градат Република Македонија како граѓанска држава на сите граѓани кои живеат во неа и дека јазичните политики ќе се сообразуваат според потребите на граѓаните од сите етнички заедници. Владата тврди дека Законот за употреба на јазиците, што ќе биде испратен и до Венцијанската комисија - чии забелешки ќе бидат вградени во текстот, „целосно ја гарантира соодветната употреба на македонскиот јазик и на другите јазици кои се во службена употреба во одредени единици на локална самоуправа – турски, ромски, српски, влашки и бошњачки“.

Дециден е ставот на Владата дека законот не го доведува во прашање „унитарниот карактер на Македонија, ниту, пак, употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо кои и понатаму остануваат единствени официјални службен јазик и писмо на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, одбраната, централната полиција и монетарната политика“.

Одговарајќи на новинарско прашање, ветото на Иванов за Законот за употреба на јазиците, вицепремиерот за европски пршања Бујар Османи, го оцени како очекувано: „Разочарани сме, иако не дека не беше очекувано, но сепак мислевме дека ќе го искористи моментумот да прати порака“.

Според Османи, Иванов во последната година од неговиот мандат, можел да испрати порака на кохезија и сплотување, како и за отворање на перспективата на државата: „Но, очигледно е дека не може да излезе од неговата матрица на функционирање. Сепак, и покрај тоа што не разочара, не нè загрижува, бидејќи повторно ќе го изгласаме законот во Собранието во наредните денови“.

„Со непотпишувањето на Указот за Законот за употреба на јазиците, Иванов повторно покажува дека не поседува капацитет да излезе од политиките на поделби и раздор во коишто е заробен со години и коишто ги промовира во секој негов јавен настап. Очигледно е, Иванов не знае да ги препознае европските вредности!“, се вели во соопштението на СДСМ.

Владеачката партија реагира дека со својата постапка, „Иванов дејствува против концептот на едно општество за сите, концепт на којшто граѓаните му дадоа силна поддршка на последните неколку изборни циклуси. Со таквото дејствување, Иванов работи на штета на државните и на интересите на граѓаните“.

„Во периодот кога државата прави крупни чекори кон обединувањето на граѓаните околу стратешките цели, враќање на демократските вредности и интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО, Иванов продолжува со промоција на политиките на изолација, работи на раздор и поделби помеѓу граѓаните“, тврди СДСМ.

Откако против законот реагираа ВМРО-ДПМНЕ, организации и здруженија во Македонија, кои се дефинираат како патриотски и македонската дијаспора (Обединетата македонска дијаспора и движењето „Ние сме Македонија“ кое организираше и протести во Вашингтон и Њујорк), претседателот Иванов, како што и најави во своето годишно обраќање кога законот го оцени како неуставен, до македонското Собрание достави писмо на 14 страници со укажувања во 21 точка – за тоа, кои членови и ставови од Законот за употреба на јазиците, според него, се спротивни и го кршат Уставот на Република Македонија.

Во правното образложение на Иванов, 19 членови од Законот за употреба на јазиците се наведени како противуставни, а според неговото обраќање, Законот е репресивен и го фаворизира само албанскиот јазик, „заради добивање на краткорочни политички поени, а на штета на трајните интереси на Република Македонија и македонскиот народ“, поради што, врз основа на член 75 од Уставот на Република Македонија, тој решил да не го потпише указот за прогласување на законот.

Според Деловникот и законот за Собранието, во случаи кога претседателот на државата ќе одлучи да не потпише указ за прогласување на закон, Собранието повторно го разгледува законот, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот. Но, неофицијално, повторната расправа на пратениците за Законот за употреба на јазиците, може да се очекува веќе следната недела, на првата собраниска седница, на која се очекува владеачките партии да обезбедат мнозинство за повторно изгласување на законот. Потоа, за противниците на законот, како можност останува само Уставниот суд.

Иванов вчера ги повика пратениците на Собранието внимателно да ги разгледаат неговите забелешки, поради опасност од отварање на прашањето за уставното редефинирање и загрозување на унитарноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија: „Очекувам од нив, одговорно и совесно да постапат, затоа што само така ќе дојдеме до сеопфатно решение за вистинско унапредување на употребата на јазиците, без притоа да се создаваат поделби“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG